Сугарески – Китанов: Ја подобруваме безбедноста на патиштата, нова заштитна ограда на обиколницата кај Битола

Макфакс

09/06/2020

16:41

964

Големина на фонт

а а а

„Годинава, предвидено е да се почне со рехабилитација на над 170 километри патна мрежа во Пелагонискиот Регион, инвестиција од 27 милиони евра“, истакнаа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, при денешниот увид во изградба на заштитна ограда на обиколницата кај Битола.

Проектот, кој предвидува изградба на заштитна ограда во должина од 1 километар, е со вредност од половина милион евра и се очекува да биде завршен за 2 месеца.

„Унапредувањето на патната инфраструктура во Пелагонија е од клучно значење за економскиот раст и квалитетот на живот на граѓаните во регионот. Во таа насока сакам да истакнам дека во текот на следниот месец ќе објавиме тендери за рехабилитација на 7 регионални патишта во околината на Битола, Крушево, Демир Хисар и Прилеп. Проектот за изградба на звучните бариери на обиколницата кај Битола е само дел од големиот инвестициски циклус што го реализираме во Пелагонискиот Регион. Тука ќе истакнам дека веќе го рехабилитиравме стариот пат од Прилеп до Битола, завршивме со рехабилитација на дел од патот од Битола кон Демир Хисар, ќе го рехабилитираме и преостанатиот дел од Битола до Демир Хисар, а ќе почнеме и со рехабилитација на постојниот пат Битола – Меџитлија. Она што е особено важно за овој регион е дека проектната документација за изградба на експресниот пат Битола – Меџитлија ќе заврши до крајот на летото, веднаш потоа ќе биде објавен тендер и во најбрз можен рок ќе се почне со изградба на новиот експресен пат“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека во првата фаза беше рехабилитирана обиколницата кај Битола, а изградбата на звучните бариери, која се одвива во моментот, претставува втора фаза од проектот за зголемување на безбедноста и унапредување на сообраќајот на обиколницата кај Битола.

„Првпат во нашата држава се поставуваат звукозаштитни огради од овој тип, кои се еколошки, имаат висок коефициент на апсорпција на звукот, а се направени од бетонска маса, во која се додаден гранули од гума добиена од рециклирани гуми. Овој концепт претставува економично и еколошко решение, со кое ќе ги заштитиме граѓаните што живеат во околината, а од друга страна, ќе продонесеме за зголемена безбедност во сообраќајот. Очекувам проектот да биде завршен пред предвидениот рок, односно за еден-еден и пол месец. Во моментот се работат почетниот и завршниот дел, а веднаш потоа следува изградбата на средишниот дел во близина на куќите, кој ќе биде особено интересен, колоритен и на две нивоа. Но, тука не запираме. Оваа година ќе почнеме со рехабилитација на Кичево – Македонски Брод, Битола – Меџитлија, Крушево – Демир Хисар, Битола – Демир Хисар, Другово – Демир Хисар, а во тек е рехабилитацијата на патниот правец Крушево – Слива – Пуста Река. Во меѓувреме, очекувам да ми биде доставена проектната документација за изградба на експресниот пат Битола – Меџитлија и изградба на нова обиколница кај Битола. Исто така, на мое огромно задоволство се привршува и проектот за изградба на автопатот Прилеп – Битола, со што цела Пелагонија ќе добие нови патишта и модерна и рехабилитирана регионална патна мрежа“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Емилија Костурски, заменик-градоначалник на општина Битола, истакна дека проектот за изградба на заштитната ограда на обиколницата кај Битола значи решавање три проблеми за граѓаните на Битола, односно контрола на бучавата, зголемување на безбедноста во сообраќајот и заштита на животната средина.

Денеска, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, извршија увид и во градежните работи за санација на свлечиштето на патниот правец Макази – Маркова Нога.



Спонзорирани линкови

Маркетинг