Русковска: Доживеавме разочарување кога клучниот лик во „Чарлиевите ангели“ премина на страната на злото

Макфакс

26/05/2020

13:36

2.001

Големина на фонт

а а а

Во завршните зборови во случајот „Рекет“, обвинителката Вилма Русковска пред судот кажа дека одбраната на обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, се обидува да докаже нешто што не се докажува.

Русковска рече дека со сведочењето на Ана Камчева се докажало како течела исплатата на првите 500.000 евра, а потоа дека Сергеј Варошлија го потврдил тоа, со тоа што сведочел дека ги гледал осудениот Зоран Милески-Кичеец и Камчева како доаѓаат во канцеларијата и домот на Јовановски.

За исплатата на останатиот еден милион, Русковска кажа дека тоа е докажано со исказот на Камчев.

„Од тие кои ги поддржувавме, доживеавме разочарување кога клучниот лик во ‘Чарлиевите ангели’ премина на страната на злото”, рече Русковска во завршните зборови.

Русковска го коментираше и исказот на Бојан Јовановски пред судот, за што кажа дека Обвинителството поседува докази дека Јанева и Јовановски разговарале за предмети на СЈО, покрај љубовните и семејните работи како што сведочеше обвинетиот.

Обвинителката го искоментира и надоместокот кој Јанева го земала за чување на тајни:

„Не знам зошто Јанева земаше пари за чување тајни кога Јовановски го знаеше предметот ‘Империја’ подобро и од Стефанова“.

За добивањето на пријавата за „Рекет“ од страна на Орце Камчев, Русковска рече дека во тој момент мислела дека се наоѓа во лош сон, а за побараните пари: „Повеќето од нас не можеме да ги замислиме ни на сон, а не на јаве“.

По завршните зборови на Обвинителството, тоа ќе го направат и обвинетите, како и нивните бранители.

Судењето за „Рекет“ трае шест месеци и е во завршна фаза.

Адвокатот на Јанева вели дека Русковска нема докази против неа

Адвокатот Дељо Кадиев, кој ја застапува обвинетата Катица Јанева во предметот „Рекет“, по судењето на кое завршни зборови даваше Обвинителството, рече дека обвинителката Вилма Русковска нема ниту еден доказ со кој се потврдуваат делата кои се пишани во обвинителиот акт.

Бранителот Сашо Дуковски, во име на обвинетиот Бојан Јовановски, пак, рече дека завршниот збор се темелел на вештачење кое не е извршено.

„Гледаме тука дека обвинителката наивно се задржа на снимките кои се незаконски снимени и објавени. По завршување на постапката обвинителката се обиде да протне нови докази. Апсолутно не браниме ништо што не е одбранливо, веруваме дека нема ниту еден доказ со кој се потврдува било што од обвинителниот акт“, рече Дељо Кадиев.

Дуковски како и претходно, тврди дека не е извршено вештачење на кое се темели обвинителниот акт кој го застапува обвинителката Вилма Русковска.

„Ја слушнавте терминологијата во давањето на завршен збор. На почетокот на завршниот збор се користеше терминот ‘известие’ и ‘анализа’ на мобилниот телефон, за потоа да продолжи во ‘вештачење’, ‘вештачење’, ‘вештачење’, на мобилниот телефон. Ако го имате во предвид исказот на сведокот форензичар Белкија Рустеми кој беше сведок на Обвинителството и кажа дека не е лиценциран, односно дека нема извршено вештачење во овој телефон, а целиот завршен збор се темелеше на некакво вештачење на некакви разговори, кое не е извршено“, рече Сашо Дуковски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг