Синот на пациентот кој доби срце изрази благодарност до семејството на донорот: “Фамилиите ќе останат сплотени, а срцето е нашето единство”

Точка

23/05/2020

19:37

2.034

Големина на фонт

а а а

Васил Огњановски, синот на 54-годишниот пациент Иван Огњановски кој е првиот човек кому му беше трансплантирано срце во земјата, денеска изрази сочувство и благодарност до семејството на донорот – Емилија Динева.

“Сакам да изразам големо сочуство до фамилијата и едно големо благодарам што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми”, изјави Огњановски. 

Васил додал дека сè се случило многу брзо – пред два дена семејството добило повик дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација во земјата.

„Операцијата се направи. Пополека го будат. Очекувањата се големи. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу добри доктори што ќе спасат уште милиони животи”, вели синот.

Тој изјави дека еден ден сака да го запознае семејството Диневи и лично да им се заблагодари и да им каже дека срцето на Емилија сѐ уште чука.

“Сакаме да им кажеме дека нејзиното срце се уште чука. Фамилиите ќе останат сплотени, а срцето е нашето единство”.

Првата трансплантација на срце која беше изведена ноќеска во координација со министерот за здравство Венко Филипче, ја започна и ја водеше националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова Мијовска. Таа со својот тим, болнички координтори д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

На експлантацијата работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа др Маја Мојсова Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.


Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од Аџибадем Систина.

На Клиниката за урологија на трансплантациите на бубрезите работеа лекарски тимови под раководтсво на д-р Сашо Дохчев, д-р Александар Трифуновски, д-р Ставридис и д-р Јанчулев со тим лекари од клиниката.Во оваа постапка беа вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија кои ја направија комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радилогија кои ги направија потребните снимања, како и лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг