Шпанија од понеделник ги отвора кафулињата, рестораните, кината, театрите…

Макфакс

22/05/2020

23:40

619

Големина на фонт

а а а

Строгите мерки во Мадрид и Барселона од понеделник ќе бидат олеснети – ќе бидат отворени рестораните и кафулињата, но само летните тераси, а ќе биде дозволено и на едно место да може да се собере група до 10 луѓе. Во другите региони, пак, што не се толку погодени од коронавирусот, ќе бидат отворени кината, театрите, музеите, училиштата…

Шпанија во некои региони на почетокот од овој месец започна со олеснување на мерките кои беа едни од најстрогите во Европа, но целосните мерки останаа на сила во Мадрид и Барселона поради големиот број случаи на коронавирус во овие градови.

Во Барселона, оваа недела плажите беа отворени за прошетки, но пливањето и сончањето се забранети.

„Секој чекор што го преземаме мора да биде безбеден“, рече министерот за здравство Салвадор Ила. „Со оглед на тоа што процесот на попуштање на мерките е комплексен, сакам да повикам на индивидуална одговорност“, додаде тој.

Баровите и рестораните во Мадрид и Барселона од понеделник ќе може да ги отворат летните тераси, но со половина капацитет.

На црквите ќе им биде дозволено да ги отворат повторно своите врати, а луѓето ќе можат да патуваат надвор од градовите во кои живеат.

Другите области на Шпанија ќе влезат во втората фаза на враќање во нормалниот живот. Во овие региони театрите, кината, уметничките галерии и музеите можат да отворат од понеделник со не повеќе од една третина од капацитетот, некои училишта ќе почнат со работа и повторно ќе бидат дозволени некои активности на отворено, како лов и риболов.

Патувањето помеѓу регионите, сепак, останува забрането.

Шпанија е една од најтешко погодените земји во светот од коронавирусот со 27.940 пријавени смртни случаи и 233.037 заболени.



Спонзорирани линкови

Маркетинг