„Македонски пошти“ отпечатија марка со мапа на „Голема Хрватска“, па ја повлекоа и се извинија

Макфакс

09/05/2020

18:42

2.282

Големина на фонт

а а а

АД „Пошта на Северна Македонија“ отпечати марка за 9 мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, со карта во некогашните граници на НДХ (Независна Држава Хрватска) со делови од БиХ, Србија и Црна Гора.

Со цел да се изрази благодарност за Хрватска која во моментов претседава со ЕУ, на 6.000 поштенски марки се најде националистичката карта на „Голема Хрватска“, а од Македонски пошти појаснија дека направен бил технички пропуст.

Веста веднаш беше проследена со реакции во јавноста, а српското Министерството за надворешни работи му врачи протестна нота на македонскиот амбасадор во Србија.

„Министерството за надворешни работи на Република Србија го изразува својот најсилен протест поради печатењето и објавувањето на поштенската марка со географска карта на фашистичката Независна Држава Хрватска, во која се вклучени делови од Република Србија, делови од Црна Гора и цела Босна и Херцеговина, а чие помнење евоцира спомени за српскиот народ на намрачниот период во поновата историја “, се вели во протестната нота.

Понатаму се додава дека ваквите обиди за историски ревизионизам грубо ги нарушуваат билатералните односи меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, како и соработката и стабилноста во целиот регион.

„Министерството за надворешни работи на Република Србија, објавувањето на оваа марка, и тоа на Денот на победата над фашизмот, го сфаќа како непријателска провокација насочена против територијалниот интегритет и суверенитет на Република Србија, како и навреда за целиот српски народ кој страдаше во концентрационите логори на истата НДХ за време на Втората светска војна“, се потенцира во протестната нота.

Од Македонски пошти се извинија и ја повлекоа марката. Велат дека станува збор за ненамерна грешка.

„На поштенската марка претставена е погрешна карта на Република Хрватска и другите земји од регионот и поради тоа марката веднаш се повлекува од употреба“, велат од АД „Пошта на Северна Македонија“.

Оттука изразуваат жалење, коментирајќи дека нивна цел било со оваа поштенска марка да изразат благодарност до Хрватското претседателсво со ЕУ за помошта и поддршката која Република Хрватска и ја дава на нашата држава.

По гафот одржана била итна седница, на која покрај поништувањето на тиражот, донесена е и одлука за разрешување на раководителот на Бирото за филателија и одлука за разрешување на Советот за поштенски марки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг