Јовановски: На Јанева не сум ѝ кажувал како да постапува, најчесто зборувавме за љубовни работи

Нетпрес

07/05/2020

12:35

3.026

Големина на фонт

а а а

Во скопскиот Кривичен суд во петокот продолжи изложувањет на одбраната на првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски -Боки 13, при што тој зборуваше за неговиот однос со второобвинетата, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, како и со обвинителката Вилма Рускоска, која го покрена обвинението против двајцата, и образложи зошто бараше да сведочат новинарите од згаснатата телевизја 1ТВ, на чие чело беше.

Јовановски беше испитуван директно од неговиот адвокат, Сашо Дукоски, кој повтори дека обвинетиот досега нема дадено исказ поради лошата здравствена состојба.

„Со Катица Јанева сум зборувал на многу теми, затоа што немала предрасуда за мојата сексуална ориентација. Кога ме притворија, велеа Боки педер. Па потоа премиерот ме нарече педер. И Јанева беше жена која со мене оствари пријателска комуникација, но никогаш базирана на основа на професионален однос, или јас да бидам стручен советник на Катица или да се интересирам за предмети поврзани со нејзината работа“, рече Јовановски.

„Со неа разговаравме и за мои љубовни работи, на никогаш не сум ѝ кажувал што да работи и како. За предметот ‘Империја’ и другите предмети дознав овде, во судницата. Со Јанева се запознав во септември 2018 година, кога ја поканив да гостува во ‘1ТВ’, па имавме средба во СЈО, но ја одби поканата. Целта беше да ја раскаже животната приказна во емисијата ‘Лица’. Лазар Јанев првпат го видов на фотографии, а таа ми кажа дека е правник и не е вработен. Тогаш ѝ понудив да работи кај нас. Јанев контактираше со АВМУ, но немаше врска со маркетингот“, рече Јовановски.


„Со јавна работа се занимавам од 16 години, водител на емисии, медиумски работник, директор во Пинк телевизија. Мултимедијална личност, борец за човекови права оти и самиот сум почуствувал на своја кожа бидејќи сум различен. Сум заработувал, не сум бил државен службеник ниту сум трошел државни пари како што тоа го прават други, рече Јовановски на почетокот на излагањето.

„Со Катица Јанева се познавам од 13-ти септември 2018 година. Јас ја побарав, сакав да гостува во 1ТВ. Отидов на средба во Специјалното јавно обвинителство. Љубезно ме сослуша, но ме одби да гостува за да ја раскаже нејзината животна приказна. Во разговор за децата, ми кажа дека син ѝ Лазар, кој е на постдипломски правни студии, не е вработен. Ѝ реков дека бараме таков правник. Тој почна набргу да работи, прв доаѓаше, последен си одеше. Редок професионалец”, кажа Јовановски за синот на Јанева.

За поранешната претседателка на СЈО рече дека е „народна жена, исклучително чесна и непристрасна“. „Со неа зборував за семејни, за љубовни работи. Зборувавме за мојата сексуална определеност, зашто таа е човек без никакви предрасуди“, вели Боки 13.

„Овој предмет е направен за спас на Јордан Камчев, за рушење на Специјалното јавно обвинителство, зашто им сметаше и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ“, додаде тој.

Јовановски повторно се наврати на мобилниот телефон за кој повтори дека не е вештачен.

„Таму се кријат многу докази не само за овој предмет, а јас ништо не сум избришал“, викаше Јовановски во судница.

„Ако зборувам со некој за мода, килажа и за семејство, не значи дека сум влијаел врз истраги. Како може цивил, обичен човек да има влијание да врши истраги, ма немој! Ниту сум политичар, ниту претседател, како можам да влијаам врз оваа силна жена. Таа беше Специјален обвинител. Ви кажав, за тоа што има во случајот Империја, што предмет е тоа, дознав тука на затворениот дел од судењево”, рече уште Јовановски.

„Рускоска ми кажуваше кој ќе биде носен на распит, за да пуштам камера да го снимаме“, рече Бојан Јовановски и истакна дека немал никакво влијание врз Катица Јанева.

„Како може некој што има ТВ да врши влијание врз еден специјален обвинител како Јанева кој дрма и коси? Не сум ниту премиер, ниту претседател да имам влијание врз пријателска основа. Тоа не постои. Но постои друга работа. Да надополнам дека Катица Јанева била многу порезервирана во давањето на било какви информации, поради тоа што новинарите бараа изјава од неа, сите сме барале да дознаеме било шот. Има една поситна состојба каде што јас сум бил директно пикиран од страна на Вилма Рускоска за нејзините дејствиа и за тоа кога и кој ден кого ќе повикува распит, за да пратам камера да го снимам. Сето ова го има Ватсап комуникација“, рече Бојан Јовановски.

„Обавезно пушти новинар, овој ми е одвратен, мора да го снимате”, ми пишуваше на ватсап Русковска за експретседателот на Судскиот совет.

„Ја прашувам во друг разговор за рејтингот на Јанева. Русковска имаше таков отворен анимозитет кон второобвинетата Јанева! Тоа таа го претвори во злосторство, покренувајќи го ова обвинение за овој измислен случај“, додаде Јовановски.

Објасни формално правен прокурист кој ја менаџирал работата во телевизија 1ТВ, каде 95 отсто сопственик беше татко ми Миле, а пет отсто Јасна Мандиќ.


„Бидејќи бев претседател на Меѓународен сојуз имаше конфликт на интереси. Работев се, па и сценографија, само не бев шминкер. Поради тоа што телевизијата живееше од реклами бев ангажиран околу контакти со огласувачи, рече Боки.

Тој објасни зошто барал новинарите уредници, Ацо Кабранов, Гордана Дувњак и други да сведочат, но судот не го дозволи.

– Со Кабранов сме збореле за Камчев и тоа го има снимено, но новинарите и јавноста не можат да слушнат што сме збореле зошто мојот мобилен не е вештачен. Тоа што го зборевме ќе го кажеше во судот. Да сведочеше Дувњак ќе објаснеше за средбата со Катица Јанева при нашата посета на СЈО, дека јас ја повикав Вилма Рускоска во телевизијата, а таа неколку пати беше во нашата редакција, во четири очи, каде сме пиеле кафе, па и чашка алкохол, онака домаќински. Иако јас не пијам алкохол, рече Боки.

Тој рече дека новинарите и уредниците сами ги бирале темите, а ако биле и договорени теми на колегиум новинарите имаа слобода да ги прашуваат гостите што сакаат.

Тука судијката го опомена да премине на битното за обвинението, а не за телевизијата на која не и се суди. Реагираше и Дуковски, кој побара од судот да му дозволи да сведочи или да не дава изјава воопшто.

Тогаш Боки рече дека имале договори за рекламирање со НОЕЛ, Систина, Пелистерка, Тинекс, ВЕРО, Телеком и други фирми кои плаќале, па телевизијата живееше со легални пари, но откако почна кривичниот орогон против мене почна пропагандата и се доби впечаток дека парите се нелегални.

-Телевизијата не се финансирала ниту од СДСМ ниту од ВМРО, ниту пак барала и конкурирала за државни пари, рече Боки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг