Драматичен скок на заразени во Русија, надлежните предупредуваат: Само Бог го знае вистинскиот број, можеби и повеќе од 250.000 во Москва

Точка

03/05/2020

14:44

4.441

Големина на фонт

а а а

Во Русија и натаму расте бројот на заразени од коронавирус, откако во последните 24 часа заболеле уште 10.633 лица, соопштил денес рускиот кризен штаб.

Вкупниот број на заболени во Русија достигнал 134.687. Оздравеле вкупно 16.639, а починале 1.280 лица. 

Според статистиката на кризниот штаб и податоците објавени на сајтот "stopkoronavirus.ru", во Москва се заразени вкупно 68.606 лица, а само за последните 24 часа 5.948.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанјин, изјавил дека реалната слика е дека во градот се заразени 2 проценти од жителите, односно околу 250.000 луѓе.

Шефот на информативниот центар на кризниот штаб Александар Мјасников, коментирајќи ја изјавата на Собјанјин, рекол дека реалниот број на заразени е во склад со математичките прогнози, засновани на спроведените тестови.

"Треба да се разбере за кои цифри станува збор. Реалниот број не го знае никој освен Бог. Ние зборуваме за број на откриени пациенти според бројот на направени тестови. Дури и на деца им е јасно дека бројот на заразени е десет пати поголем", рекол Мјасников.

Русија со тоа ја минала Франција и избила на шестото место во светот по бројот на заразени, пренесува Tass.




Спонзорирани линкови

Маркетинг