Димитров: Шпанија е последната земја членка на НАТО што го ратификува нашиот пристапен протокол

Макфакс

17/03/2020

16:45

736

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот Сенат го ратификува пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО со нула гласови против.

Во оваа пригода би сакал во името на Владата и на сите македонски граѓани да изразам благодарност до Шпанија и воедно да им честитам и на македонските граѓани за овој заеднички успех што дојде како резултат на истрајност и решителност за храбри одлуки и посветеност, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

„Со тоа завршуваме еден тридецениски процес, напор, стремеж да бидеме дел од северноатлантското семејство“, рече Димитров веднаш по денешната ратификација на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО од страна на горниот дом на шпанскиот парламент (Сенат), која заедно со амбасадорот на Кралството Шпанија, Емилио Лоренцо Сера, и со претставниците на медиумите беше проследена во живо од Владата на Република Северна Македонија.

Со ова се заокружува ратификацијата на протоколот од сите 29 земји членки по што следува и депонирањето на инструментот во Вашингтон, со што формално-правно Северна Македонија ќе стане 30-та членка на алијансата.

Амбасадорот на Шпанија, Емилио Лоренцо Сера, во својата изјава за медиумите истакна: „Како амбасадор на Шпанија во Скопје ми претставува големо задоволство усвојувањето од страна на Сенатот на Шпанија на законот за ратификација на протоколот за прием на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО. Шпанија и Република Северна Македонија ќе станат и формално сојузници, што веќе де факто и се, продлабочувајќи ги на тој начин пријателските билатерални односи, од кога неговото височество, кралот на Шпанија, ќе го потпише законот и инструментот за ратификација ќе биде депониран во Вашингтон, што секако ќе се случи набргу“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг