Како Јужна Кореја успеа да сузбие епидемија од пошироки размери? Никаде во светот не се тестираат толку луѓе...

Точка

12/03/2020

20:03

9.527

Големина на фонт

а а а

Епидемијата на коронавирусот која изби во кинескиот град Вухан прерасна во пандемија, вкупниот број на заразени во 114 земји ширум светот надмина 119 илјади, а починаа над 4,300 лица.

Уште пред две седмици Јужна Кореја со над 2,900 заразени и 17 починати беше најголемо жариште после Кина, а бројот на заразени во меѓувреме порасна на над 7,800, од кои 66 починаа.

Како Јужна Кореја успеа да ја сузбие епидемијата и да го намали бројот на заразени? Моделот кој властите од Сеул го применија се покажа како прилично ефикасен, а во тоа значително придонесе самата свест на тамошното население.

Епидемијата тргна од Даегу, четвртиот град по големина во Јужна Кореја, а првозаразена беше 61-годишна жена која што тврдеше дека не патувала надвор од земјата. Набрзо потоа ситуацијата ескалираше, но јужнокорејските власти одговорија на вистински начин, со брзи и прецизни мерки.


Речиси 20 илјади луѓе секојдневно се тестираат на коронавирусот во Јужна Кореја, резултатите се обработуваат 24 часа дневно. Никаде во светот не се тестира таква масивна бројка на дневна база.

Јужна Кореја постави мрежа од дури 96 јавни и приватни лаборатории за тестирање и според многумина ваквиот пристап спасил многу животи. Стапката на смртност во Јужна Кореја е само 0,7%, а само за споредба, СЗО тврди дека стапката на смртност изнесува 3,4%.

Целиот процес од земање на брис до добивање на резултати трае пет до шест часа, а Јужнокорејците го осмислиле и создале тестот, воспоставиле мрежа на лаборатории ширум земјата и ги оспособиле за работа во рок од 17 дена!


Треба да се нагласи дека во Јужна Кореја не недостига опрема за тестирање. Четири компании експресно добиле дозвола за производство на уреди за тестирање, што значи дека Јужна Кореја има капацитет да тестира 140 илјади примероци во текот на една седмица. Ваквата способност за тестирање на толку голема бројка на луѓе ја прави Јужна Кореја земја - пример за сите останати земји кои се борат со пандемијата.

Интересно е што мерките на превенција во Јужна Кореја досега не вклучуваа блокади во сообраќајот, ограничување на движењето или други слични мерки на превенција. Доколку на една локација се појави поголем број на заразени, властите веднаш поставуваат импровизиран центар за тестирање и започнува процесот.

Мора да се истакне дека во Јужна Кореја е забележана неверојатна свест кај граѓаните. Сите Јужнокорејци се исклучително претпазливи и ги следат препораките на Министерството за здравство, затоа што веќе се соочија со епидемијата на МЕРС пред четири години.


Јужнокорејците ја научија лекцијата, училиштата се затворени, компаниите ги поттикнуваат своите вработени да работат од дома, а забранети се и собирите. Ова значи дека кафулињата и парковите во Јужна Кореја во изминатите неколку седмици беа практично празни, иако немаше полициски час и карантин како на пример во Кина и Италија.

Денес во Скопје и другите градови парковите беа полни поради сончевото време, а во кафулињата немаше празна маса. Зарем треба да се случи најлошото за конечно да се почитуваат препораките кои секојдневно ги повторува министерот за здравство Венко Филипче? Апелираме на зголемување на свеста кај граѓаните и почитување на препораките затоа што се работи за нашето здравје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг