Димитров и Филипче на брифинг со дипломатите во земјата за коронавирусот

Макфакс

12/03/2020

18:44

954

Големина на фонт

а а а

Во Министерството за надворешни работи денеска се одржа брифинг со претставниците на дипломатско-конзуларните претставништва и мисиите на меѓународните организации акредитирани во и за Република Северна Македонија на кој беа разменети информации за состојбата со коронавирусот.

Брифингот заеднички го водеа министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и министерот за здравство, Венко Филипче, осврнувајќи се на превентивните мерки во согласност со насоките и препораките на Владата на Република Северна Македонија во врска со коронавирусот.

Димитров ги информира странските претставници во земјата за одлуките донесени од Владата, кои важат и за странските државјани кои имаат постојан или привремен престој во Северна Македонија, како и оние што планираат патување во земјата во наредниот период.

„Ваквите предизвици, кои не познаваат граници, бараат колективен одговор, покрај нужната размена на информации, искуства и ескпертиза. Kоординираната акција како одговор на глобалната закана од овој вирус ја наметнува и потребата од уште поблиска комуникација меѓу владите на сите земји. Клучниот елемент во тоа заедништво треба да се солидарноста и меѓудржавната соработка, да не ги ставаме и нив во самоизолација. Напротив, помагајќи им на другите, во случајот си помагаме и себеси“, рече Димитров.

Министерот за здравство детаљно брифира за последната состојба во земјата во контекст на заболените од Ковид-19 и нивното лекување, како и за начинот и капацитетите за справување на здравствениот систем.

„Во постојана комуникација и консултација сме со СЗО и во континуитет преземаме мерки за заштита од коронавирусот. Сите капацитети со кои располагаме се ставени на располагање и одлично функционира системот за превенција и контрола за спречување непосакувано ширење на коронавирусот. Имајќи предвид дека досега беа преземени сите превентивни мерки од Комисијата за заразни болести, домашните експерти, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, како и постојаниот мониторинг, од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, како и на Институтот за јавно здравје – можеме слободно да информираме дека вродија со плод и во целост се реализираат сите досегашни мерки, а за одличното справување со оваа ситуација добивме потврда и лично од д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, кој беше во државата пред неколку дена“, рече Филипче.