Коронавирусот се прошири во 40 земји од светот: Државите преземаат мерки, во Италија најголем број заразени во Европа

Точка

27/02/2020

08:47

2.141

Големина на фонт

а а а

Коронавирусот се прошири во 40 земји во светот, а заразени има на сите континенти освен на Антарктик.

Прв случај на коронавирус во Данска 

Данска го потврди првиот случај на коронавирус, а заразен е маж кој се вратил од скијање во Ломбардија, Италија.

По вчерашните тестирања, мажот се наоѓа во изолација во својот дом, со својот син и сопруга кои се негативни на коронавирусот, пренесува “Reuters”.

“Преземаме сериозни мерки и оваа нова ситуација ја сфаќаме многу сериозно”, порачал министерот за здравство во соопштението.


Првиот случај на корона нема да ја промени проценката, објавена во вторникот, дека во Данска владее низок ризик од епидемија.

Вирусот се прошири во 40 земји од светот

Досега од новиот коронавирус, Ковид-19, починаа најмалку 2.800 лица од кои најголем дел од Кина.

Ширум светот се пријавени повеќе од 81.700 случаи на инфекција, а Светската здравствена организација соопштила вчера дека за првпат бројот на пријавени случаи надвор од Кина е поголем од оној во Кина.

Како што наведува “CNN”, во Италија се пријавени 400 случаи на новиот коронавирус, што е најголем број на заразени во Европа.

Вирусот се шири низ Европа, а први случаи пријавија и Норвешка, Романија, Грција, Грузија како и нашата земја. Многу европски земји преземаат соодветни мерки, а Италија стави околу 100.000 луѓе во карантин со забрана за патување.

Во Иран се пријавени 139 случаи на зараза и 19 смртни случаи. Вирусот оваа недела се прошири на Блискиот исток, вклучувајќи ги и Кувајт, Бахреин, Либан...

“CNN” пренесуваат дека се пријавени смртни случаи надвор од Кина во Иран (19), Јужна Кореја (13), Италија (12), Јапонија (7), Хонгконг и Франција (2), како и по еден случај на Филипини и Тајван.

Во Кина се пријавени 433 нови случаи на коронавирус, така што вкупниот број на заразени се искачил на 78.497, соопштуваат властите. Во Кина во текот на вчерашниот ден починале 29 лица, што е најмал број на жртви од коронавирус од 28-ми јануари. Вирусот во Кина досега уби 2.744 лица.

Во провинцијата Хубеј, која е жариште на епидемијата, пријавени се 409 нови случаи и 26 смртни случаи. Повеќе од 40 држави и региони надвор од Кина пријавиле случаи на коронавирус.



Спонзорирани линкови

Маркетинг