Реакција: Обвинувањата за учество во „пиратство“ на операторите се неточни и тенденциозни

Макфакс

26/02/2020

15:43

466

Големина на фонт

а а а

Здружението на информатичко-комуникациски технологии наостро ги осуди, како што велат, неоснованите обвинувања искажани од страна на членките на ММА – Сител, Телма, Канал 5, Алфа и Алсат-М на днешната прес-конференција за пиратерија.

Нивната реакција ја пренесуваме во целост.

„Со целосна одговорност твдиме дека сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно домашната и меѓународната регулатива за реемитување на програми. Сите инсинуации за учество на операторите во ‘пиратство’ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни, за ваквите тврдења нашите членки ќе поведат соодветни судски постапки. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава.

Барањето на 5-те телевизии со закон да се наметне ограничување за странските канали за да можат да се реемитуаат во земјава значи директно кршење на Директивата за реемитување и Директивата за „телевизија без граници“ и претставува обид за вовед во цензура. Ваквиот јавно изкажан став на ММА јасно укажува дека мотивите и крајната цел за ваквото брзо носење на Измените на ЗААВМУ било токму притисокот со ваквиот закон да се намали бројот на ТВ-канали кои ќе се реемитуваат во земјава.

Во однос на авторските права, сакаме да ја информираме јавноста дека истите се веќе регулирани со Законот за авторски и сродни права и со Кривичниот законик. Оттука, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не само што не ја регулираат оваа проблематика, туку и дополнително ја усложнуваат, бидејќи создаваат правно неиздржани преседани. Операторите работат согласно сите закони и согласно директивите во ЕУ, а веќе посочивме дека ваквите измени се спротивни на директивите. За ова имаме и мислење од Европската комисија која укажува дека вакво законско решение не постои во ниту една земја членка на ЕУ.

Повторуваме дека последните Измени на ЗААВМУ, усвоени по скратена постапка и непосредно пред распуштањето на Собранието, се донесени на нетранспарентен начини кој намерно оневозможи јавна дебата за сериозните и штетни последиците од нив и ги игнорираше сите укажувања на Здружението на ИКТ за нивната неприменливост и дека ќе ги принудат да го прекинат реемитувањето на сите ТВ-канали, освен јавниот сервис“, се наведува во реакцијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг