Мицкоски ветува проект за целосна гасификација

Макфакс

22/02/2020

14:25

932

Големина на фонт

а а а

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори е предвидена целосна гасификација и енергетска обнова на домовите на граѓаните. Односно, како што кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, овозможување секое семејство да дојде до нова фасада и оков на својот дом при што за инвестицијата половина ќе покрие државата, односно 50-тина проценти е на трошок на државата.

„Фактичката состојба покажува дека многу од домовите на граѓаните се енергетски неефикасни, или воопшто немаат фасада, а нивната обнова пак или изградба на фасада чини пари. Затоа се обврзувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе финансира половина од трошоците за изградба на нова енергетска фасада и замена на ефикасен оков во домовите. Со оваа мерка ќе се намали непродуктивното користење на енергијата, а тоа пак ќе придонесе за заштита на животната средина“, рече тој.

Во програмата е предвидена и набавка на сончеви колектори при што 50-тина проценти од сумата ќе биде на трошок на државата.

„Се обврзуваме на обнова која ќе донесе целосна гасификација на Македонија. Гасификацијата која сега е заглавена, целосно ќе ја одглавиме и ќе ја дозавршиме. Еден од стратешките приоритети на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе природен гас за употреба во домаќинствата, индустријата, малите и средните претпријатија, образованието, социјалните установи, здравствените установи итн. Затоа ќе го изградиме гасоводниот систем во државата“, рече Мицкоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг