На повидок нов скандал: Трамп му нудел помилување на Асанж во замена за една услуга?

Точка

19/02/2020

20:30

3.728

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп му понудил на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж помилување, под услов да каже дека Русија не е вмешана во протекувањето на мејловите на Демократската партија.

Овие тврдења беа изнесени пред судот во Вестминстер каде на почетокот на идната седмица ќе започне процесот на кој ќе биде донесена одлука дали Џулијан Асанж ќе биде екстрадиран во САД.

Неговиот адвокат, Едвард Фицџералд се повикал на докази кои тврдат дека поранешниот американски републикански конгресмен Дана Рорабахер бил во посета на Асанж во еквадорската амбасада во Лондон во текот на авуст 2017-та година.

Фицџералд сугерирал на договор според кој Асанж би требало да ја негира поврзаноста на Русија со хакерскиот упад и објавувањето на електронската пошта на Националниот комитет при Демократската партија на САД пред одржувањето на претседателските избори во 2016-та година.

Познато е дека тогашниот сенатор Рорабахер го посетил Асанж, но се тврдеше дека тоа било по негов избор, а не по налог на претседателот Трамп.

Претходно во текот на денот, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж се обрати до судот во Лондон преку видео-линк од затворот „Белмарш“, при што само го потврди своето име и годината на раѓање.


Џулијан Асанж помина седум години во амбасадата на Еквадор во британската престолнина, од каде минатата година беше изнесен од припадници на британската полиција. Американските власти го бараат за да се соочи со 18 точки од обвинението, вклучувајќи здружување поради хакерски напади на државни компјутери и прекршување на Законот за шпионажа. Доколу биде екстрадиран во САД и биде прогласен за виновен, му се заканува повеќедецениска затворска казна.

Асанж е во затворот „Белмарш“ од минатиот септември откако издржа казна од 50 седмици поради прекршување на условите за кауција додека беше во еквадорската амбасада во Лондон.

Тој во амбасадата влезе во 2012-та година со цел да избегне екстрадиција во Шведска каде е обвинет за сексуално злоставување кое тој го негираше. Овие обвинувања подоцна беа отфрлени.



Спонзорирани линкови

Маркетинг