Емра Куртишова: Најсмешна сцена ми беше романтичната вечера со Талат

Точка

19/02/2020

10:56

9.665

Големина на фонт

а а а

Што ќе беше да не беше актерка, кој е „Лоренцо“ во приватниот живот, која е Емра Куртишова кога не глуми... се само дел од прашањата на кои одговара во интервјуто за Точка. Нејзнина матична куќа е Театарот за деца и млади, но не остана незабележана и во популарната серија „Преспав“ во улогата на Исаура - собарката.

Ги сака животните и вели: „Бидејќи живееме во свет каде за жал луѓето станаа поголеми ѕверови од најголемите вистински ѕверови на планетава, со исклучок на, за жал, малкумина поединци, се разбира. Токму поради таа причина, јас ги одбрав нив како би им ја возвратила искрената љубов која неизмерно и несебично ја даваат“.


Претстава или филм, што ти е поголем предизвик? 

- Додека не ми се случи искуството со ,,Преспав" велев дека поголем предизвик ми е театарот.

Но, сега работите се променија и не би можела да издвојам. И во филмот како и во театарот постои нешто што е голем предизвик, но сепак во различна форма, а задоволство ми чинат подеднакво.


Какво е искуството во „Преспав“?

- Искрено и од срце сум благодарна на целиот тим од ,,Преспав" што ми дадоа шанса да видам и да учам како е да се работи на филм, нормално не велам дека научив, тоа е професија за која се учи цел живот, искуството и константната работа си го прават своето.

Во едно претходно интервју, спомнав дека имам мало искуство пред камера, но, ете на мое големо задоволство ми се даде прилика да се запознаам малку повеќе со основите во оваа сфера, сметам дека имам уште многу за учење, а тоа ми претставува голем предизвик. Морам да спомнам дека ми беше задоволство да бидам сведок на сплотеноста во соработката со колегите, навистина се работи како со фамилија, и горда сум поради тоа. Така што, дефинитивно можам да заклучам дека се здобив со убаво и значајно искуство.  

Која ти беше најсмешна сцена ? 

- Има повеќе. Со оглед на тоа дека директен партнер во серијата ми беше Дритон (Талат) можете да замислите што се случуваше во текот на снимањето. Се воодушевував на комичноста која ја поседува, а на тоа верувајте никој не може да остане рамнодушен.  

Една од најсмешните сцени дефинитивно беше во епизодата ,,Цимерки" - романтичната вечера со Талат на терасата од пансионот. Таа сцена ја враќавме повеќе пати бидејќи буквално се смеевме сите. Наредбата ,,тишина на сет" не можеше да се испочитува, па така почнаа да ги отстрануваат луѓето кои не можеа да се воздржат од смеа. Но, сепак на крај некако успеавме да ја снимиме сцената. 

Анегдота од снимањето, нешто што не видовме, а се случуваше позади сцена? 

- За време на снимањето паралелно имав интензивни проби во театар, бидејќи бевме многу блиску до премиера, а истовремено ги играв и претставите на репертоар. Буквално трчав и на двете страни.  


За нештата да станат уште покомплицирани, си ,,закачив" бронхопневмонија. Не се сеќавам претходно дека сум примала толку многу лекарства кои што нормално не даваа брз ефект поради природата на самата дијагноза. Кашлањето и зарипнатиот глас кој одвреме- навреме го снемуваше, беа најголем проблем и за двата процеси. 

Ќе го паметам ова бидејќи сфатив дека дури и во најтешките околности кога се сака професијата, се сака до крај. Како велат - ништо не е тешко се додека нештото те прави среќен. 

Да не беше актерка ќе беше? 

- Најверојатно некое медицинско лице. Покажував голем интерес додека сестра ми учеше медицина. Доста привлечни ми беа учебниците по психологија и анатомија, а психологија учевме и на факултетот за драмски уметности, со што успеав одблиску да ја запознаам таа гранка од медицината. Но, кога би бирала, сепак би го одбрала актерството.  


Кој е твојот „Лоренцо“ во приватниот живот? 

- Па, важно е дека ,,Лоренцо" ми е во животот. Не би сакала да откривам повеќе од ова.

Покрај обврските во театар и „Преспав“, имаш ли да ни најавиш нов проект? 

- Во моментов работам на еден приватен проект, за мене многу значаен поради темата која се обработува. Проектот ја обработува темата на врсничко насилство-булинг во училиштата. Наменет е за деца и млади и од нив се очекува да го согледаат и да не го применуваат лошото, негативно и деструктивно однесување кон своите врсници.  

Проектот исто така ги опфаќа и наставниците кои треба јасно да ги согледуваат односите помеѓу учениците, и навремено да го спречуваат насилството. Претставата е во продукција на ,,Буллфрогс" и копродукција на ,,ДрамАрт". 


Од кого најмногу учеше глума? 

- Како што кажав погоре, актерството е занает кој што се учи цел живот. Учев од мојот професор Владимир Милчин и (тогаш асс.) сега професор Сузана Киранџиска, а се уште учам од поискусните колеги.

Која е Емра кога не глуми? 

- Емра кога не глуми, си ги сака животните и животните ја сакаат Емра.


Секој слободен момент го користам да сум со моето мало животинско царство. Нема поубаво чувство кога некој искрено ти се радува, иако не те видел само неколку часа од денот а, притоа реагира како да не те видел цела недела. Ги сакам животните, бидејќи живееме во свет каде за жал луѓето станаа поголеми ѕверови од најголемите вистински ѕверови на планетава, со исклучок на за жал малкумина поединци се разбира. Токму поради таа причина, јас ги одбрав нив, како би им ја возвратила искрената љубов која неизмерно и несебично ја даваат.  




Спонзорирани линкови

Маркетинг