Јовановски двапати бил во куќата на Јанева – снимки од тајното следење пуштени на судењето за „Рекет“

Макфакс

17/02/2020

15:17

1.659

Големина на фонт

а а а

Од посебните истражни мерки што биле спроведувани од 21 јуни 2019 година кон обвинетиот Бојан Јовановски и осудениот Зоран Милески се гледа како Бојан Јовановски одел кај Катица Јанева, во куќата од каде што ја уапсија.

Зоран Милески, пак, патувал за Охрид, а по пат подавал кеса на женско лице, презентира обвинителката Вилма Русковска на денешното судење за „Рекет“.

Во другите снимки направени со ПИ-мерки се гледа дека Јовановски се среќавал со Лила Филиповска, неговите родители, Анета Кочишки, но и непознати лица. Јовановски и Милески одат во разни локали и хотели, како и седишта на фирми. Првпат од спроведувањето на мерките, Јовановски во куќата, каде што престојувала Катица Јанева, бил на 1 јули 2019, а седум дена подоцна повторно ја посетил.

Кога обвинителката Вилма Русковска ја кажа адресата каде што бил Јовановски, потенцира дека таму престојувала Јанева, а на ова во судницата се смееше ексспецијалната обвинителка и почна да зборува со адвокатите по што судијката ја опомена.

Русковска презентира и снимка од ПИ-мерките на кои се гледа како возилото со кое се превезува осудениот Зоран Милески се паркира кај Владата на улицата Ристо Шишков. Потоа, Милески влегол во објект, сопственот на Владата на РМ, презентира Русковска. Ова се случило на 3 јули.

Јовановски, пак, гласно се смееше во судницата за време на презентирањето на ПИ-мерките, а судијката Васка Николовска-Масевска го праша дали сака да излезе надвор за да се смири, а тој одби.

Рочиштето продолжува по кратка пауза.



Спонзорирани линкови

Маркетинг