Пуштени снимките на Камчев: Боки 13 му вели „срце мое“, а Катица го уверува дека „сè е под контрола“

Точка

13/02/2020

13:03

3.823

Големина на фонт

а а а

На денешното рочиште за случајот „Рекет“ во судницата се пуштаат видео снимките кои ги направил бизнисменот Орце Камчев.

На снимките кои се објавуваат во судница се слуша како првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски му објаснува на бизнисменот Орце Камчев како шефицата на СЈО, Катица Јанева ќе постапува во предметот „Империја“ во кој е осомничен Камчев.

Боки 13: Ќе ве ослободат во понеделник

Орце Камчев: Добро

Боки 13: Најдоцна вторник, Врховен ќе ве ослободи

Орце Камчев: Не може да дојде до Врховен до понеделник

Боки 13: Да, ќе дојде, СЈО нема да употреби вондредни правни лекови

Боки 13 на Орце Камчев исто така му објаснува што чекаат судијката Весна Димишкова да направи во врска со притворот на бизнисменот.

„Орце, срце мое од тоа што се договоривме беше тешко да се менаџира, ради тебе искочија и други”, му вели Јовановски на Камчев, а тој го прашува „Кажи ми сега што се случува?”, по што Јовановски одговора: „Да почекаме Весна Димишкова да видиме што ќе направи, да дадеме време до среда или четврток. Во случај да не одлучи ништо, Томи оди кај Катица, за да има оправдување жената бидејќи е организатор… Тука покрај бизнис партнерите, ќе дадат..”,

Откако Боки 13 ја информира Катица Јанева за „гаранциите со пасошите“, Катица вели дека „сè друго држи под контрола“.

Боки 13 во продолжение вели дека Орце Камчев се плаши од обвинителката Лиле Стефанова, по што добива одговор: „Многу сум зафатена затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене таа не може ништо“.

На една од снимките на крајот може да се слушне како поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева на Орце Камчев му вели: „Не се грижи, сè ќе биде океј“.

Адвокатите на Бојан Јовановски и на ексшефицата на СЈО Катица Јанева ги оспоруваат аудиоснимките што ги направил бизнисменот Орце Камчев, а кои служат како доказ на обвинителството за случајот „Рекет“ и изнудата на 1,5 милиони евра.

Во судницата се пуштаат голем број аудиозаписи направени од Камчев, каде што тој зборува со Бојан Јовановски – голем дел од снимките се нејасни и не може точно да се слушне за што разговараат двајцата.

Адвокатот на Јовановски, Сашо Дукоски, вели дека снимките не можат да се земат предвид затоа што немаат ниту датум ниту време.

„Снимките се дадени паушално, станува збор за самостојна интерпретација за тоа кој со кого разговара. Освен тоа, нема ниту датум ниту време на снимката”, рече Дукоски.

Во однос на снимката направена во куќата на Камчев, кога Јовановски и Зоран Милески Кичеец наводно излегуваат со еден милион евра во чанта „Луј Витон“, Јовановски рече дека „материјалите се лепени”.

„Ова се лепени материјали. Ова е груба аматерка монтажа. Освен тоа, има два типа на снимање, едното е со мобилен, другото е очигледно со камерите на Камчев”, рече Јовановски.

Во еден од разговорите во позадина се слуша и гласот на Јанева, а нејзините адвокати ја оспорија снимката велејќи дека не може да се докаже чиј е гласот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг