Заев: Ако опозицијата го минира законот за ЈО, Собранието нема да се распушти

Макфакс

03/02/2020

14:49

916

Големина на фонт

а а а

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, посочи дека доколку не се донесе решение за законот за Јавното обвинителство, Собранието нема да се распушти, но тоа нема да ги одложи предвремените избори. Според него, разговорите мора да продолжат и да се донесе решение бидејќи законот има исклучителна важност.

„Законот за мене е мнгоу важно да се гласа во Собранието. Тој тогаш може да се донесе или да не се донесе. Ако опозицијата се обидува да го минира неговото гласање, односно донесување, тогаш Собранието нема да се распушти додека не заврши процесот на изјаснување. Дел од агендата за која се договоривме сите е овие законски решенија до распишувањето на изборите ќе се изгласаат. Доколку некој го прекрши тоа, тогаш нормално дека распишувањето на изборите и распуштањето на парламетнтот нема да се случи“, рече Заев, додавајќи „Изборите се распишуваат и Собранието се распушта од 45-60 дена, што значи имаме период од 15 дена како што тоа го дава Уставот. Но, јас се надевам дека на 12 февруари ќе се распушти Собранието и ќе се распишат изборите“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само една и пол недела пред распуштање на парламентот. Затоа, за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение што ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за Јавното обвинителство.

Заедничката средба на парламентарните групи за законот за Јавното обвинителство претходно беше откажана поради отсуство на претставниците од ВМРО-ДПМНЕ. Министерката за правда, Рената Дескоска, во текот на денот има одвоени средби со партиите што имаат амандмани за законот. Пратениците од помалите партии со министерката Дескоска треба да ги изнесат забелешките и да се договорат за конечниот предлог-текст на законот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг