Иран го возврати ударот: Револуционерната гарда ракетираше американска воена база во Ирак, ова е одмазда за Сулејмани!

Точка

08/01/2020

08:37

5.701

Големина на фонт

а а а

Иранската Револуционерна гарда ги предупреди сите земји од регионот дека ќе се најдат на мета доколку американската армија возврати на нивното утринско ракетирање.

Американската воена база Аин Асад во Ирак во раните утрински часови беше ракетирана од страна на иранската Револуционерна гарда. Базата во која има голем број на американски војници и друг воен персонал била нападната со повеќе ракети, а засега нема информации за жртви или повредени.

Како што пренесува британски „БиБиСи“, базата ја погодиле најмалку 10 ракети, а од Пентагон го потврдија нападот, како и тоа дека балистичките ракети биле лансирани од територијата на Иран.

Иранските државни медиуми соопштија дека нападот бил изведен од страна на Револуционерната гарда и тврдат дека станува збор за одмаздничка операција како одговор за смртта на генералот Касим Сулејмани кој беше убиен во воздушен напад на американското воено воздухопловство. Акцијата инаку била наречена „Маченикот Сулејмани“.

Шефот на иранската дипломатија, Џавад Зариф неколку часа после ракетирањето на американската амбасада се огласи со кратко соопштение на Твитер.

„Иран заврши со пропорционалните мерки во знак на самоодбрана во рамките на Членот 51 од Повелбата на Обединетите нации, така што организираше напад на воздушната база од која беа организирани кукавичките напади на нашите граѓани и високи функционери. Не сакаме ескалација или војна, но ќе се браниме од било каква агресија“, изјави Зариф.

Набрзо потоа се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп кој се обиде да ја смири нацијата.

„Се е во ред. Проектилите беа лансирани од Иран кон две воени бази во Ирак. Моментано ги прибираме податоците за жртвите и штетата. Засега се е во ред. Имаме далеку најмоќна и најдобро опремена армија на светот“, изјави Доналд Трамп.



Спонзорирани линкови

Маркетинг