Како што веќе знаеме, актерката Силвија Стојановска (59) во четвртокот беше уапсена поради сомневање дека учествувала во меѓународен шверц со 700 килограми кокаин од Шпанија.
По сослушувањето на Стојановска во обвинителството, ѝ беше одреден куќен притвор од 30 дена, а освен таа уапсен е и нејзиниот сопруг Воислав Будисавјевиќ кој зад себе има “подебело“ криминално досие.
Сопругот на актерката Силвија и претходно е доведуван во врска со трговија со кокаин, а нему набрзо по сослушувањето му е одреден 30-дневен куќен притвор.
Во акцијата е уапсен и братот на Будисавјевиќ на кој лисици му биле ставени во Мадрид - Шпанија.
Ќерката на Силвија, Јана, за српска „Република“ тврди дека нејзината мајка нема врска со шверцот на дрога.
„Се потресов кога слушнав дека мојата мајка е приведена, но на кратко затоа што подоцна беше утврдено дека таа нема никаква врска со дилањето дрога. Таа е доведена во врска со ова поради братот на нејзиниот сопруг кој е осомничен за шверц со дрога. Мојата мајка без причина ја нападнаа и ја приведоа, таа е невина“ - вели Јана.
Таа додала дека тоа нема да ѝ ја наруши долгогодишната кариера на нејзината успешна мајка.
„Не знам дали нејзиниот сопруг има врска со ова, тоа истрагата ќе го покаже. Тоа што го знам е дека мојата мајка нема никаква врска со криминал. Се слушнавме по нејзиното сослушување во обвинителството, потресена беше, но сега е добро. Одреден ѝ е куќен притвор, но по неговото завршување ќе бараме да се брани за слобода“ - тврди Јана која е сопруга на српскиот кошаркар Андрија Бојиќ.
На Стојановска за ова кривично дело ѝ се закануваат пет години затворска казна.