Камчев открива нови детали: Јанева добила и 350.000 евра во кутија за чевли

Нетпрес

06/12/2019

11:52

4.369

Големина на фонт

а а а

Сите обиди за рекет беа одбиени од моја страна затоа што бев свесен дека немам кривично дело и дека случајот „Империја“ е исконструиран случај за да бидам изрекетиран, за што има и докази, рече бизнисменот Јордан Камчев, кој денеска зборува во судот во својство на сведок во предметот „Рекет“, објавува „ПлусИнфо“.

Камчев во своето обраќање се наврати на почетоците на обидите за рекет и рече дека предметот „Империја“ е конструиран во август 2018 година а дека неговите режисери се присутни денес во судницата во Кривичниот суд. За Бојан Јовановски - Боки 13 рече дека прво му барал реклама за 1 ТВ, а потоа му нудел проект за фешн-моливи. Прв пат разбрал дека против него е отворена постапка и дека е под ПИ мерки од адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова.

Камчев се сретнал со Димишков во болницата „Аџибадем Систина“ кога адвокатот му побарал 100.000 евра за да издејствува поблага мерка за бизнисменот за случајот „Империја“.

– Сите обиди за рекет беа одбиени од моја страна затоа што бев свесен дека немам кривично дело и дека случајот „Империја“ е исконструиран случај за да бидам изрекетиран, за што има и докази – рече Камчев.

На прашање на обвинителката Вилма Русковска, Камчев рече дека истрагата против него почнала во јануари 2018, а во ноември истата година му бил одреден притвор затоа што не ги исполнил барањата на „тројцата играчи“ кои од него барале рекет.

Камчев рече дека индиректно имал комуникација и со обвинителката Лиле Стефанова, кај која бил распределен случајот „Империја“. Тој објасни дека преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец, му било барано да обезбеди деловен простор во зградата „пегла“ во Кисела Вода за стоматолошка ординација на блиска роднина на обвинителката Стефанова.

– Знаев дека немам вина и дека сѐ е измислено – рече Камчев.

Тој детално раскажа за неколкуте средби што се одржале помеѓу Бојан Јовановски, Зоран Милевски Кичеец и неговата сопруга Ана Камчева кога почнал рекетот. На една од средбите бил и синот на Јанева, Лазар. На секоја средба, Боки 13 преку спикерфон зборувал со Јанева.

– Јас бев свесен што правам, но ако не го направев тоа и јавноста и народот ќе мислеа дека е криминал, а беше случај спакуван во целофан – рече Камчев зборувајќи за рекетот за случајот „Империја“.

Боки 13, како што рече Камчев, ја злоупотребил и потпретседателката на владата и му покажувал слики од неа и од Јанева.

– Сума од 350.000 евра, исплатени од Ана Камчева, Бојан Јовановски ги ставил во кутија за чевли и тој подарок ѝ го доставил на Јанева. Другите 150.000 евра ги дал на Зоран Милески – рече Камчев.

Тој сведочеше и дека Јовановски му кажал дека треба да даде милион евра и дека Јанева не сакала да слушне за каква била сума под милион зашто за да се ослободи од обвиненијата вкупната сума била осум милиони евра, и дека во првиот наврат треба да плати милион.

Камчев: „Бојан рекетираше мој пријател кој беше тешко болен и кој денеска не е жив“

Камчев во сведочењето откри дека поранешниот директор на Телеком, Жарко Луковски, бил рекетиран од Бојан Јовановски, и дека поради заканите, му исплатил на два пати вкупно 450.000 евра. Луковски почина пред неколку дена, а пред неколку месеци беше во Обвинителството за организиран криминал и корупција да даде исказ, наведува ТВ 21.

„Мојот пријател кој денеска не е жив, ми рече дека истиот тој бил во предметот од Бојан „Империја“, кој самиот го дал името и знаел како ќе се вика, Бојан му се јавил и му рекол дека ако не сака да биде дел од тој случај, треба да му плати 200.000 евра. Тој беше тешко болен, и за жал сега веќе не е жив. Кога го отвориле случајот „Империја“, мојот пријател избега во Србија поради страв, но Боки повторно му се јавил, и му рекол: „Еве што се случи, ако не платиш, и ти ќе бидеш во овој случај“, по што овој му платил уште 250.000 евра од Белград. Ова се зборови на веќе покојниот другар“, рече Камчев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг