Британскиот министер за одбрана и порача на Шекеринска: Добредојдовте во НАТО

Макфакс

04/12/2019

09:53

1.042

Големина на фонт

а а а

„Добредојдовте во НАТО“, и порача британскиот министер за одбрана Бен Валас на министерката Шекеринска на средбата во Лондон. Средбата се реализира во пресрет на Лидерскиот самит на НАТО – Алијансата каде за прв пат нашата држава активно учествува на состанок на шефовите на држави и влади на земјите – членки.

„Ги цениме бргу завршениот процес за ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО и континуираната британска поддршка на одбранбените реформи. Нашиот фокус ќе биде развојот на способности и капацитети како членка на НАТО“, рече министерката Шекеринска и додаде дека во споредба со 2017 буџетот за одбраната е дуплиран, а над 20% од буџетот за 2020 е наменет за опремување и модернизација на Армијата.

Шекеринска рече дека преку интензивната советодавна помош од страна на Обединетото Кралство, со повеќе советници во доменот на одбранбените реформи и трансформацијата на Армијата, Северна Македонија успешно го спроведе пристапниот процес во НАТО.

Британскиот министер за одбрана, Валас изрази задоволство од фактот што Северна Македонија е пред последниот чекор до полноправно членство во НАТО. Тој рече дека Обединетото Кралство силно ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата и е подготвено да ја даде сета потребна поддршка во развојот на подофицерскиот кадар и во обуката на Лесната пешадиска баталјонска група.

Северна Македонија и Обединетото Кралство се вистински сојузници во Алијансата, пријателски земји кои имаат исклучително развиена и одбранбена соработка, се согласија министрите за одбрана на двете земји.

Интензивната одбранбена соработка помеѓу двете земји опфаќа голем број на полиња, вклучувајќи и школување на припадници на Армијата на најпрестижните воени школи во Велика Британија како Кралскиот колеџ во Лондон, Командно-штабниот колеџ во Шривенам, Универзитетот Кренфилд, Кралската воена академија Сендхрст и колеџот Кранвел, каде континуирано бележиме одлични резултати,соопшти Министерството за одбрана.



Спонзорирани линкови

Маркетинг