Се открива нарачателот на убиството на новинарката? Малтешкиот бизнисмен ќе сведочи против владини функционери и премиерот!

Точка

29/11/2019

10:09

2.018

Големина на фонт

а а а

Познатиот малтешки бизнисмен Јорген Фенеч понудил да сведочи против висок функционер од владата на Малта во случајот околу убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција.

Милионерот Фенеч меѓу другото порача дека и самиот премиер на Малта е во судир на интереси околу случајот кој ја потресе целата држава.

Неговиот адвокат доставил писмо до претседателот на државата во кое бара помилување, а за возврат ветува дека ќе открие информации поврзани со поранешниот шеф на кабинетот Кит Шембри, поранешниот министер за туризам Конрад Мици, министерот за економија Крис Кардон и други луѓе блиски до премиерот.

Адвокатскиот тим на Фенеч кој минатата седмица беше уапсен на неговата јахта велат дека премиерот Џозеф Мускат не би требало да биде вклучен во одлуката за помилување, затоа што бил меѓу луѓе кои можеби би имале интерес да не биде одобрено помилувањето.

Тие меѓу другото порачаа дека судијата би требало да одлучи за помилување на нивниот клиент без мешање на кабинетот на актуелниот премиер Мускат.

Истражувачката новинарка Галиција која откри бројни корупциски афери беше убиена откако беше активирана бомба во нејзиниот автомобил недалеку од нејзината куќа, а за поставената бомба досега се обвинети три лица.

Сепак, властите и натаму не можат да откријат кој го нарачал убиството. Наводно Фенеч рекол дека Шембри бил мозокот на организацијата на убиството на новинарката. Тој синоќа беше пуштен од притвор и одби да даде изјава за новинарите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг