Асад не им верува на Американците: Нема никакви докази дека Багдади е мртов, ова е исто како со Бин Ладен

Точка

01/11/2019

11:21

1.921

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Сирија, Башар Ал Асад изјави дека од Дамаск не контактирале со САД во врска со ликвидацијата на лидерот на ИСИС и не верува во веродостојноста на убиството додека не бидат презентирани докази.

„Не сме имале никаков контакт со американските институции за ликвидацијата на Багдади. Што е уште поважно, не знаеме дали таа операција навистина се случила или не“, изјави Асад во интервјуто за сириската државна телевизија.

Тој тврди дека САД нема никакви докази за убиството, а властите од Дамаск дознале за операцијата од медиумите.


„Радарите не забележаа никаква авијација. Зошто не се прикажани останките на Багдади? Тоа наликува на сценариото со Осама Бин Ладен“, изјави сирискиот претседател Башар Ал Асад.

Не пропуштајте: Објавена е снимка од ликвидацијата на лидерот на ИСИС: Погледнете ја операцијата на елитните американски специјалци

Според Асад, смртта на првиот човек на Исламската држава, Абу Бакр Ал Багдади, или пак смртта на сите терористи нема да влијае на општата ситуација, се додека е жива терористичката идеологија. Сирискиот лидер додаде дека првиот човек на ИСИС може да се појави со ново име и нова маска.


„Верувам дека целата оваа операција е трик. Багдади ќе се појави под ново име, како нова личност, целата Исламска држава може да се промени во ново руво, но со иста идеја и цел. Зад сите овие сценарија стои ист режисер - Американците“, порача Башар Ал Асад.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 27-ми октомври објави дека Багдади е ликвидиран во Сирија од страна на американските елитни специјалци. Нешто подоцна, портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков изјави дека Русија не поседува информации за операцијата на САД. Интернет страницата „Амак“ која инаку е поврзана со исламистите соопшти дека сепак од ИСИС ја потврдиле ликвидацијата на Багдади.