Абу Бакр Ал Багдади, сега веќе поранешен лидер на Исламската држава, пред да биде убиен, во пустината сокрил кеш, злато и сребро во вредност од 25 милиони долари.
Тоа го тврди Мухамед Али Сајет, еден од блиските соработници на Багдади чии што информации помогнале во лоцирањето на лидерот на исламскиот Калифат. Али Сајет е во роднинска врска со Багдади и член на Исламската држава од 2015-та година.
Бил уапсен пред два месеци во Багдад од страна на ирачките безбедносни сили и при испитувањето открил детали за движењето и начинот на криењето на најбараниот терорист на светот.
„Багдади, како и најголемиот дел од лидерите на Исламската држава имаше обичај во пустината да крие пари во кеш, најчесто долари, злато и сребро. Тој во подземните бункери кои ги украсуваше со религиски текстови, закопа најмалку 25 милиони долари. Некои од тие бункери во ирачката пустина подоцна ги пронајдоа локалните сточари - номади“, изјави Али Сајет и опиша како изгледа еден од тие бункери.
„Долг е околу осум метри, а широк околу пет. Во него се наоѓа библиотека со многу верски книги, а на ѕидовите има цитати од Куранот. Багдади го криеше богатството за „црни денови“. Сигурно не очекуваше дека ќе биде откриен затоа што многу се грижеше за својата безбедност“, открива Али Сајет.
Исламската држава кога беше на врвот од својата моќ во периодот од 2014-та до 2015-та година, заработуваше околу две милијарди долари на годишно ниво. Најголемата количина на кеш џихадистите ја украдоа од централната ирачка банка во Мосул, но исто така и од продавање на нафтата од окупираните региони.
Ирачките и руските медиуми во тој период тврдеа дека Исламската држава украдената нафта ја продава на црно благодарение на Турција, а сателитите и беспилотните летала на руската армија дури и открија колона на цистерни со нафта како од Сирија и Ирак влегува во Турција.
Џихадистите заработија огромно богатство и од оданочување на Христијаните кои што живееа на територијата која е под нивна окупација, од грабежи, продажба и криумчарење на археолошки пронајдоци и слично.