Според Кремљ, смртта на првиот човек на Исламската држава би претставувала „важен придонес“ во борбата против тероризмот, иако според Русите тоа не е потврдено.
„Доколку смртта на Багдади навистина се потврди, може да се зборува за важниот придонес на претседателот на Соединетите Американски Држави во борбата против меѓународниот тероризам. Таа информација сама по себе не може да предизвика негативна реакција на руските власти“, изјави за новинарите портпаролот на Владимир Путин, Димитриј Песков.
Песков потврди дека руските сили ги забележале американските авиони и дронови во таа зона, но руското министерство за одбрана синоќа навело дека нема јасни информации за делувањето на американската армија во Идлиб каде што според Вашингтон, се криел Багдади.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави вчера дека Багдади е ликвидиран во американскат воена операција на северозападот на Сирија која што била спроведена ноќта помеѓу саботата и неделата.
Тој изнесе детален опис на нападот во кој лидерот на Исламската држава бил притиснат од американските сили, по што се самоубил со активирање на појас со експлозив.
Трамп во своето обраќање им се заблагодари на Русија, Турција, Сирија, Ирак и на сириските Курди.
Инаку, Русите во јуни 2017-та година соопштија дека „веројатно“ го убиле Багдади во воздушен напад во северниот сириски град Рака, но таа информација се покажа како неточна.