Најмалку 23 лица загинаа на протестите во Ирак

Точка

25/10/2019

20:02

1.461

Големина на фонт

а а а

Најмалку 23 лица загинаа во протестите во Ирак, соопштија властите, пренесе агенцијата „АП“. Нереди имаше во Багдад, Насирија, Амарa, Самави и уште неколку ирачки градови.

Како што соопшти висок претставник од ирачката безбедност, демонстрантите во Багдад загинале кога безбедносните сили истрелале бојна муниција да ги растераат.

Тој рече дека полицијата употребила и солзавец и гумени куршуми против демонстрантите што протестираат поради лошите услови за живеење во Ирак.

До насилство во Насирија дојде кога ирачката шиитска милитантна група Асаиб Ал ал-Хак отвори оган врз група демонстранти што се обиделе да влезат во нејзината локална канцеларија. Во исто време, во јужниот град Амара повредени се најмалку 18 лица кога демонстрантите се обиделе да влезат во канцелариите на локалната милиција.

Претходно, медиумите јавија дека демонстранти ги запалиле канцелариите на шиитски политички партии и шиитската милиција во јужната ирачка провинција Мутана. Гореле и канцелариите на движењето „Хикма“ и на групата Ашаиб Ал ал-Хак.

На фотографиите што беа споделени се гледаа демонстрантите додека ги уриваат бетонските бариери и оградите од боцкава жица што ги штитат владините згради во утврдената зелена зона.

Ирак е сведок на антивладини протести на национално ниво од почетокот на октомври во кои се бараше акција за надминување на високата невработеност на младите, сиромаштијата, лошите услуги и корупцијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг