Ќе има генерален штрајк во образованието, наставниците не прифаќаат 10 проценти поголема плата

Нетпрес

25/10/2019

15:11

3.254

Големина на фонт

а а а

„По основ на предложеното зголемување на 10 проценти за платите во образованието, на денешната седница на Советот на СОНК едногласно донесе одлука да не се прифати одлуката и своите интереси ќе ги брани на генерален штрајк на 11 ноември“, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

„До поминувањето на рокот за штрајк, а тоа е 15 дена, бараме зголемувањето да започне од јануари 2020 година, наместо од април 2020 година. Бараме да се понудат и повисоки проценти отколку 10 проценти за зголемување. Пропратни барања, ако не ни ги исполнат барањата, ќе биде и барање за изменување и дополнување на колективните договори во средно и во основно образование, да се исплаќаат дополнителни часови, регрес за годишен одмор и така натаму. Ќе се бара доследно почитување на колективните договори“, рече Неделков, кој додаде дека на 11 ноември ќе почнат со генерален штрај, ако не се исполни нивното барање.

СОНК нема да организира протести или марширања, туку едноставно нема да се одржува настава.

Според Неделков, најлогичен след по одлуката за генерален штрајк е повик од министерот за образование и наука, Арбер Адеми на средба за да ги разгледаат сите нивни барања. Тој очекува нивните барања да се исполнат пред техничката влада, бидејќи договорот бил покачувањето да биде внесено во буџетот за 2020 година.

„Премногу сме коректни и скромни, овие наши барања не се од вчера или денеска, овие барања се од поодамна. Овој период е изненадување, не очекувавме брзи и предвремени избори. Одамна работиме за ова, имавме одлучни релации со МОН, ова не е предизборна уцена“, рече Неделков.

Тој смета дека практика во светски размери е да се коалицира партија со синдикат, а кај нас малку поинаку се гледа на тие работи. Во СОНК не размислувале дали би коалицирале со партија доколку им ги исполни барањата.

„Ниеден наставник нема да му го скрати знаењето на ученикот кое му следува. Ние ќе им надоместиме на учениците. Ниту едно дете нема да му фали едукацијата која му е загарантирана со Закон и со Устав, но ќе се разгледа преку кои методи“, рече Неделков.

Претседателот на СОНК рече дека очекува да се штрајкува во секое училиште, иако не е сигурен колкав број на просветни работници ќе го поддржат штрајкот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг