Асанж се појави пред судот во Лондон за прашањето за екстрадиција во САД

Макфакс

21/10/2019

18:55

338

Големина на фонт

а а а

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, денеска се појави пред судот во Лондон во рамките на постапката за негова екстрадиција во САД. Против Асанж се поведени обвиненија за шпионажа, а тој не успеа да го одложи процесот со цел неговиот правен тим да има повеќе време за да се подготви за случајот.

Светските медиуми јавуваат дека Асанж кренал тупаница кон неговите поддржувачи кои седеле во галеријата на судницата за да го видат нивниот херој. Според медиумите, тој изгледал слаб, но здраво, зборувал многу благо и на моменти се чинел уморен и збунет.

Кога судијката одбила да го одложи процесот, Асанж со нервозен глас рекол дека не ги разбира процедурите пред судот. Тој исто така рекол дека неговиот случај не е фер затоа што американската влада има неограничени ресурси, а тој нема лесен пристап ниту до адвокати ниту до документите што му се потребни за да се бори против екстрадицијата. 

„Тие ги имаат сите предности“, рекол 48-годишниот Асанж кого САД го бараат поради објавување десетици илјади тајни владини документи преку „Викиликс“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг