„Пајакот“ подигнал 433 возила во Скопје за десет дена

Макфакс

10/10/2019

13:18

689

Големина на фонт

а а а

Во текот на изминатите 10 дена со специјалните возила „пајак“ се подигнати 433 возила од јавните површини, соопшти Град Скопје.

Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 64 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 369 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 685 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 64 возила се отстранети со пајак-службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

„Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС-порака или со греб-картичка“, велат од Градот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг