Владата со закон ќе го контролира одгледувањето на канабис за медицински цели

Макфакс

03/10/2019

09:45

1.708

Големина на фонт

а а а

На вчерашната 156-та седница, Владата го утврди текстот на предлог – законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции чија цел е спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, спречување на недозволено производство и промет на опојни дроги, психотропни супстанции и растенија од кои може да се добие опојна дрога и супстанции кои можат да се употребат за производство на опојни дроги или психотропни супстанции и заштита на животот и здравјето на луѓето и контрола на опојните дроги и психотропните супстанции.

Предлог – законот, меѓу другото, предвидува одгледувањето на канабис за медицински цели да биде дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис донесено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата, како и дека секоја измена во сопственичката структура треба да биде одобрена од страна на Владата.

Во текстот на предлогот за закон во оваа дејност се наведува дека компаниите кои ќе се стекнат со лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат средства во висина од 10% од вкупниот износ без пресметан ДДВ на излезната фактура за продажба на производи согласно овој закон, на соодветна сметка, кои се приход на Буџетот. За овие средства, како прилив во Буџетот на државата, Владата ќе донесува посебна програма за нивната намена и начинот на користење во која приоритет ќе имаат лековите за ретки болести и други приоритети во здравствената заштита.

Дел од овие средства ќе бидат наменети и за одржливо финансирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели, како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, која се предвидува да биде основана согласно овој предлог-закон. Утврдениот текст на предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции ќе биде ставен на јавна расправа.