Од утре осигурениците ќе подигнуваат лекови на рецепт секој ден во месецот, во секоја аптека што има договор со Фондот. Oд оваа мерка бенефит ќе имаат сите, и осигурениците и здравствените работници, бидејќи повеќе нема да има потреба од создавање редици во аптеките, а граѓаните ќе немаат потреба да создаваат резерви од лекови во своите домови затоа што аптеките од 1 октомври 2019 година повеќе ќе немаат квоти за лекови на рецепт.
Осигурениците лекот ќе може да го добијат во која било аптека и во кое било време, без разлика дали е почеток или крај на месецот. Исто така, нема да има потреба да се создава метеж кај матичните лекари за препишување рецепти во првите денови од месецот. Односно, осигурениците ќе може да се упатат кај својот матичен лекар тогаш кога ќе имаат потреба да им биде препишан одреден лек.
Осигурените лица може да подигнуваат лекови на товар на Фондот во аптека само со уреден и важечки рецепт за препишан лек на товар на Фондот и документ за лична идентификација (лична карта или пасош) на увид.
За лицата што од било која причина се спречени, како и за малолетните деца, лековите во аптека може да ги подигнува друго лице, кое ќе приложи документ за лична идентификација.
Доколку во некоја аптека се случи да го нема препишаниот лек, во таков случај осигурените лица тоа може да го пријават во Фондот за здравствено осигурување и во Агенција за лекови и медицински средства.