Радев: Бугарија ќе изработи национална стратегија за Северна Македонија

Макфакс

30/09/2019

15:57

2.257

Големина на фонт

а а а

Пристапувањето на Македонија во НАТО и ЕУ е важен чекор во обезбедувањето на мирот и одржливиот развој на Источна Европа. Иднината на Македонија е во ЕУ и оваа шанса не треба да се изгуби, порача бугарскиот претседател, Румен Радев, по консултативната средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, вицепремиерката и шефица на дипломатијата, Екатерина Захариева, и министерот за одбрана, Красимир Каракачанов.

На средбата била постигната принципиелна согласност дека е потребно итно дејствување за да се изгради национален став со јасни барања и критериуми, кои ќе ги заштитат бугарските национални интереси, членовите на кабинетот и раководителите на одговорните институции, пренесе БГНЕС.

„Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и ЕУ е важен чекор во обезбедувањето на мирот и одржливиот развој на Источна Европа. Бугарија секогаш го поддржуваше европскиот развој на нашиот сосед. Но, однесувањето на нашиот сосед создава несигурност и недоверба. Потребно е итно дејствување за национална позиција со јасни барања и критериуми за заштита на бугарскиот национален интерес“, рече претседателот Радев, кој додаде дека бугарската влада е посветена на формулирање јасни крајни цели кои треба да се постигнат пред завршување на преговарачкиот процес за членство на Северна Македонија во ЕУ.

За време на средбата, претседателот, премиерот и членовите на кабинетот се согласија за таков национален став. Радев истакна дека и покрај големите напори на Бугарија, Мешовитиот комитет за историски работи не постигнал некои посебни резултати.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, по средбата со Радев, рече дека доколку Бугарија ја запре Македонија за ЕУ, тоа би било преседан во историјата.

„Од клучно значење е тие да бидат примени во ЕУ, но важно е да се разбере дека зависи од нив. Ова е апел за нив. Темата за Западен Балкан се издигна на највисоко ниво. Но, да престанеме да си играме со историјата, со минатото и да се концентрираме на иднината. Директно сме заинтересирани за оваа иднина“, порача Борисов.



Спонзорирани линкови

Маркетинг