За опозицијата е неприфатлив новиот закон за Јавно обвинителство, доколку опозицијата не го предлага првиот човек на обвинителството, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владмир Ѓорчев, во интервју за „Макфакс“.
На прашањето дали на овој начин партијата сака да не се донесе ваков закон, со оглед на фактот што најголем дел од постапките се водат против поранешни функионери на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорчев не беше дециден. Обвини дека судството и обвинителството е политизирано и како такво не ќе решело ниту еден од скандалите и криминалите на актуелната власт.
„Тие сакаат да зборуваат за ланскиот снег. Да, точно е дека има постапки против функционери на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години, но што е со она што се случува денес, што ќе се случува утре. Се соочуваме со огромни пропусти, неказнивост кон актуелните функционери на СДСМ, кои буквално напаѓаат луѓе на улица. Пред еден ден имавме случај кога пратеник на СДСМ во Гостивар физички нападна човек на улица и тоа пред очите на неговата малолетна ќерка. Значи имаме еден систем кој ги штити своите, а води хајка против неистомислениците, а токму тие велеа дека правдата ќе важи за сите“, рече пратеникот Ѓорчев.
Ѓорчев избегна и да одговори на прашањето дали има контакти со бившиот лидер на партијата, Никола Груевски. Повтори дека партијата ја води Мицкоски кој ја има подршката од партиските органи и дека партијата е таа линија на фунцкионирање. За него не е проблем што во партијата и сега има неколку струи, фракции кои не се обединети со матичната партија и вели дека тоа нема да биде проблем партијата да подеби на следните избори. Според него, и покрај фактот што 10 пратеници се отцепија од ВМРО-ДПМНЕ, нема опасност за нови отцепувања, формирање нови партии и одлив на членството.
„Струите не се ништо ново, знаеме дека тие процеси се случуваат постојано во изминатите 15 години. Сме гледале и во минатото обиди каде од ВМРО-ДПМНЕ излегле одредени политички деривати, но тие немале посериозен политички успех. На најголем дел од членството му е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ е епицентарот на политичкото организирање, дека таа најголемата не само опозициска туку, воопшто партија во државата. ВМРО-ДПМНЕ добро функционира, членството е конслидирано, а нашиот претседател Мицкоски има огромна поддршка. Тој ја подаде раката кај голем број луѓе, не само внатре туку и надвор од партијата и затоа сметаме дека тоа ќе ни донесе успех на следните избори, тој да биде идниот премиер“, рече Ѓорчев.