Истражување на „А1он“: Државата им плаќа станови, а пратениците ги изнајмуваат на свои роднини

Точка

20/09/2019

14:06

3.495

Големина на фонт

а а а

Со новите одлуки на Собранието, тринаесет пратеници од внатрешноста ја искористија можноста наместо пари за патни трошоци, да добијат стан под кирија до 400 евра, плус платени сметки до 100 евра. Со ваквата одлука ги намалија патните трошоци, но сега преку кириите во Скопје им ги полнат џебовите на своите роднини и пријатели.

Истражувањето на „А1он“ покажува дека дел од нив ги изнајмуваат добиените станови на роднини и пријатели, а за дел постојат сомнежи дали воопшто живеат во становите што ги плаќа државата. 

Ане Лашкоска од Прилеп осум години е пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ. Од ноември минатата година, со новите одлуки на Собранието, таа е една од оние што ја искористи можноста да добие стан под кирија во скопската населба Аеродром. Станот од 65 квадратни метри се води на Марија Келтаноска, сестра на снаата на Лашкоска.

Кога „А1он“ го посети станот, вратата им ја отворила сопственичката Келтаноска, која тврди дека во станот е дојдена на гости, а дека тука всушност живее пратеничката.

„Тука живее Ане Лашкоска. Моментално е на работа, јас сум ѝ братучетка. Приватна работа е дали јас ѝ го изнајмувам станот, не можам да ви го кажам тоа. Не го плаќа државата, тоа се приватни работи. Јас сум моментално на гости тука и не можам ништо да ви кажам, ја знаете Ане, слободно обратете ѝ се“, кажала Келтаноска и ја затворила вратата.


Во телефонска изјава, пратеничката Лашкоска вели дека нема ништо спорно во тоа што изнајмува стан од свои роднини.

„Немаше критериум за избор на станот. Од Собранието ни кажаа да си најдеме станови под кирија, јас ги познавам луѓето што го издаваат станот и им се обратив ним. Кого ќе најдете дома во мојот стан, не е воопшто битно и не треба никого да го интересира“, вели Лашкоска.

Стан од државата изнајмува и пратеничката од Битола, Лилјана Затуроска. Таа има стан во Скопје кој е пријавен во антикорупциската комисија, но вели дека таму живее нејзиниот син па затоа одлучила да изнајмува стан во Кисела Вода кој ќе ѝ го плаќа Собранието. Сопственичка на станот е Елена Келтаноска-Лашкоска, снаа на нејзината сопартијка Ане Лашкоска.

Тоа значи дека двете изнајмуваат стан од исто семејство кое добива 800 евра од Собранието за месечни кирии на двете пратенички.

Затуроска за “A1он” вели дека не можела да најде соодветен стан кој ѝ одговара, а временскиот период бил кус и морало брзо да се реагира затоа што не сакала да патува и додава дека не го прекршила законот.


Стан платен од Собранието користи и пратеничката Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ, а според имотниот лист, сопственичка на изнајмениот стан е Маја Ангеловска-Панова, сестра на сопругот на Манаскова.

„Нe можеш да бараш стан по оглас. Мораш да најдеш некој близок за да изнајмиш. Не ми го изнајмува станот Маја Ангеловска-Панова, туку блиска личност. Јас бев возменирена од вашето доаѓање. Некој да доаѓа на мојата врата – тоа ми влијае на квалитетот на живот. Адресата на живеење е приватен податок“, рече Манаскова за „А1он“.

За пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, Собранието плаќа максимално дозволени 400 евра застан од 39 квадратни метри во центарот наСкопје.

Кети Смилеска, пратеничка од СДСМ од Битола, станот го изнајмува од својот сопартиец и поранешен пратеник, Менде Диневски. За станот во центарот на Скопје од 40-ина квадратни метри, Собранието плаќа 400 евра.

„Го избрав бидејќи ми беше најблиску до Собрание. Точно е дека го изнајмив од експратеникот Менде Диневски. Ако се е законски, не знам што е спорно. Веројатно, кога ќе видат дека максимум е 400 евра за кирија, тогаш толку и ќе побараат. И не е убаво да им одите на врата на пратениците, реагираат и сопствениците на становите“, изјавила Смилеска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг