Американците се подготвуваат за напад на Иран? Пентагон ја подготвува листата со мети!

Точка

20/09/2019

08:45

2.912

Големина на фонт

а а а

Пентагон ќе изложи широк спектар на воени опции пред американскиот претседател Доналд Трамп кој размислува да одговори на, како што велат од САД, иранските напади на саудиските нафтени постројки.

Опциите пред Трамп ќе бидат претставени во текот на денешниот ден во Белата куќа, а меѓу нив секако е и листата на потенцијални мети за воздушните удари во Иран. Трамп веројатно ќе биде предупреден дека воената интервенција би можела да ескалира во војна, открил неименуван висок функционер од администрацијата на американскиот претседател.

Овој состанок според аналитичарите ќе биде првата прилика за носење на одлука за тоа како САД ќе одговорат на нападот на нивниот клучен сојузник на Блискиот исток. Секоја одлука би можела да зависи од доказите кои ќе треба да ги обезбедат американските и саудиските истражители, кои би требало да потврдат дека Иран го извел нападот.


Официјален Техеран ги отфрла обвинувањата дека стои зад нападите на саудиските нафтени рафинерии, нешто за што одговорност веќе презедоа јеменските Хути бунтовници. Иранците им порачаа на властите од Вашингтон дека евентуална агресија над Иран ќе резултира со „тотална војна“.

„Американскиот народ може да биде уверен дека САД ќе ги брани нашите интереси во регионот и дека ќе застанеме зад нашите сојузници“, изјави американскиот потпретседател Мајк Пенс.

Одговорот на САД би можел да опфати воени, политички и економски санкции, а што се однесува до воената опција, Американците или би извршиле воздушни напади на стратешки локации во Иран, или пак би извеле сајбер напади.

Според аналитичарите, најверојатниот одговор на САД ќе биде испраќање на воена поддршка која ќе ѝ помогне на Саудиска Арабија да се брани од нападите од север, затоа што саудиската армија е фокусирана на нападите кои што доаѓаат од правец на југ, односно од Јемен каде што се распоредени Хути бунтовниците.



Спонзорирани линкови

Маркетинг