Генералниот секретар на ОН ги осуди плановите на Нетанјаху за анектирање делови од Западниот Брег

Макфакс

12/09/2019

14:45

593

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во средата изрази загриженост поради ветувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во предизборната кампања дека ќе анектира делови од Западниот Брег, пренесува ТАСС.

„Генералниот секретар е загрижен поради изјавата на израелскиот премиер Нетанјаху во која се изјасни за својата намера ако биде избран да ги анектира долината на Јордан и северниот дел од Мртвото Море, како прв чекор за примена на израелскиот суверенитет над сите населени места и други области во окупираниот Западен Брег“, се вели во соопштението на Гутереш.

Тој ги смета ваквите активности за сериозно кршење на меѓународното право.

„Тие ќе бидат погубни за потенцијалот за заживување на преговорите и за регионалниот мир, а притоа сериозно ќе ја поткопаат одржливоста на решението со две држави“, се вели во соопштението.

Нетанјаху во телевизиско обраќање во вторникот рече дека ако повторно биде избран, ќе го имплементира израелскиот суверенитет над долината на Јордан и северниот дел на Мртвото Море.

Резолуцијата 2334 на Советот за безбедност на ОН од декември 2016 година го повикува Израел да престане со изградба на населби на Западниот Брег. Израелската влада одби да ја спроведе резолуцијата. За половина век откако еврејската држава го зазеде Западниот Брег, Израел изгради околу 120 населени места таму, за кои ОН велат дека се меѓу главните пречки за обнова на мировните преговори со Палестинците.

Во средата претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, изјави дека ако Израел анектира дел од Западниот Брег, секоја шанса за мир со Палестинците ќе биде уништена. Претходно, Арапската лига го осуди потегот на Нетанјаху.

Исламската организација за соработка, пак, побара да биде свикан итен министерски состанок на 15 септември на барање на Саудиска Арабија за да се разговара за ескалацијата на Израел.



Спонзорирани линкови

Маркетинг