Пристигнува Фејсбук апликација за запознавање: Пронајдете ја својата сродна душа преку таен профил

Точка

11/09/2019

16:53

3.333

Големина на фонт

а а а

Првата страница за онлајн запознавање match.com се појави во 1995-та година, популарниот Tinder беше лансиран во 2012-та година, а постои податок дека денес секој трет брак има започнато преку запознавање на интернет.

И Фејсбук од минатата седмица има своја опција за запознавање. Имено, лансирана е нова услуга наречена "Facebook Dating" која беше претставена минатата година на "Facebook F8" конференцијата. Оттогаш беше тестирана во Колумбија, а од неодамна стана достапна во САД и уште 19 земји. Во Европа „љубов преку Фејс“ пристигнува на почетокот на 2020-та година.

"Facebook Dating" е опција која всушност ќе создаде нова мрежа во рамките на Фејсбук, односно сите оние кои ќе сакаат да ја пронајдат „сродната душа“ на социјалната мрежа, ќе имаат посебен профил, што значи дека нивните активности нема да се појават на регуларниот профил.


Сите активности остануваат во рамките на "Facebook Dating" и нема да бидат споделени со остатокот од социјалната мрежа. Исто така, ќе можете да ги изберете вашите „тајни симпатии“ (Secret Crush опција) меѓу своите пријатели. Доколку некој од вашите пријатели го направил истото и тајните симпатии се поклопат, пристигнува нотификација.

"Facebook Dating" всушност изгледа како повеќето апликации за пронаоѓање на партнер кои што веќе се достапни, како што се Tinder, Badoo или OkCupid. Доколку направите таков профил, ќе треба да го одредите вашиот пол, да одберете кого сакате да запознаете и да го изберете градот каде што сте моментално.


Сепак, Фејсбук има предност во однос на споменатите апликации затоа што знае повеќе за вашите интереси и локации, па така ќе може да ве конектира со луѓе кои што имаат слични интереси, се движат на одредени локации и слично.

Безбедноста и заштитата на податоци, тврдат од Фејсбук, за нив ќе бидат апсолутен приоритет. Со оглед на тоа што разни скандали во врска со протекување на приватни податоци ја тресат најголемата социјална мрежа на светот, бројни корисници и експерти се скептични во врска со нивните тврдења.



Спонзорирани линкови

Маркетинг