Наставниците масовно одговорија на повикот за штрајк

Нетпрес

02/09/2019

11:08

1.225

Големина на фонт

а а а

Во понеделникот наставниците на територијата на Македонија стапија во штрајк, поради, како што објавија, неисполнетите ветувања за покачување на платите.

Ние како просветни работници денес решивме да ја поддржиме одлуката на СОНК и иницијативата за еднодневниот штрајк. Воедно се надеваме дека надлежните ќе имаат слух за нашите барања, воедно и во тој дел ќе најдат сили да ги остварат нашите барања, велат наставниците од Штип.

Тие истакнаа дека ќе останат на работните места но засега без работни обврски.

Од СОНК уште еднаш кажаа дека ова е предупредувачки штрајк и дека доколку власта остане глува за барањата на наставниците, штрајкот ќе се радикализира.

Очекуваме наредниот месец да се најде одговор на нашите барања. Главно барање е 25 посто покачување на платите, земајќи во предвид дека минималната плата на национално ниво се движи околу 25 посто, се наведува во соопштението.

Од СОНК велат дека очекуваат во иднина од Министерството за образование и наука да понудат компромис и овие проблеми да се надминат.

Според информации од теренот, настава утрово не се одвива ниту во училиштата „Партение Зографски, во скопската општина Кисела Вод, како и во „Браќа Миладиновски“, во општина Аеродром.

Наставниците се наоѓаат на своите работни места, учениците не се примени, некои родителите се солидаризираа со просветните работници и не ги донесоа децата на училиште. Порталот Работник објави снимки од Гостивар и Тетово кои покажуваат дека штрајкот на СОНК е успешен.

Податоците што пристигнуваат од терен покажуваат голем одзив на просветните работници кои се решени да истраат во своите барања за пристојни плати, за почитуван просветен работник.

“Почитувани колеги од Регионалниот одбор на СОНК – Прилеп, чувствувам потреба како претседател да ве известам дека предупредувачкиот штрајк во Прилеп е успешен! Ви благодарам на сите за поддршката и се надеваме дека нашиот предупредувачки штрајк ќе допре до оние кои се повикани и дека платите ќе бидат покачени за 25 отсто. Драги родители вам безрезервно ви благодарам за поддршката на наставниците, ви благодарам што помагате во враќањето на нашето достоинство”, напиша на својот фејсбук профил Златко Думбалоски, претседател на СОНК-Прилеп.

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) организираше предупредувачки штрајк во сите основни и средни училишта, бидејќи не беше постигнат договор со Министерството за образование и наука, за покачување на платите на наставниците од 25 проценти.

СОНК овој месец ќе очекува преговори со МОН за да најдат заемно прифатливо решение, но доколку тоа не се случи ќе се организира генерален штрајк.