Салвини се пофали дека го сопрел мигрантскиот бран: Мојата опсесија донесе резултати!

Точка

16/08/2019

10:30

1.265

Големина на фонт

а а а

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини е уверен дека е заслужен што дошло до пад од 80% на приливот на мигранти во земјата.

Матео Салвини порача дека „неговата опсесија“ со миграцијата довела до пад од 80% од бројот на мигранти кои што пристигнале во неговата земја во изминатата година.

„Очигледно е дека мојата опсесија донесе резултати“, изјави Салвини кој вчера претседаваше со годинешниот собир на сите полициски управи во Италија, по што одржа и прес-конференција.


„Со падот на миграцијата од 80% во една година, го намаливме бројот на загинати и исчезнати, го намаливме и бројот на барања за азил“, се пофали италијанскиот министер Салвини и изјави дека од заштедата од прифатните центри за странците, успеале да вработат 8 илјади припадници на силите на редот.

Инаку, италијанскиот премиер Џузепе Конте вчера во отворено писмо го критикуваше Салвини и порача дека има „опсесивна концентрација на миграцијата“ која што е сведена на формулата на затворање на пристаништата.

„Среќен сум поради мојата опсесија“, изјави Матео Салвини пред новинарите и додаде дека владите на бројни земји, меѓу кои и Израел, САД, Бразил и Германија му честитале за напорите во борбата против „илегалната имиграција“.


Според годишниот извештај на министерството за внатрешни работи, вкупно 8691 мигрант пристигнале на италијанскиот брег во изминатите 12 месеци, што е за 80% помалку од претходните 12 месеци. Најмногу со мигранти со пловила пристигнале од Тунис (36,8%), Либија (22,3%), Турција (21%), Грција (10,8%) и Алжир (9,1%).

Кон крајот на јули во Италија имало 105,142 мигранти, или 34% помалку во однос на претходната година. Бројот на барања за азил паднал за 56%. „Се гледаме следната година“, порача Матео Салвини.



Спонзорирани линкови

Маркетинг