Карактерот на еден народ се вреднува според предизвиците со кои има храброст да се соочи. За време на Втората светска војна, граѓаните на Македонија имаа храброст да се соочат со најголемото зло на 20 век – фашизмот и нацизмот и да ја ослободат својата татковина.
Најголемиот предизвик за нас денес е граѓанското помирување. Патот до помирувањето води преку правдата втемелена врз вистина. А за вистинска правда е потребно владеење на правото. Тоа мора да биде нашата темелна вредност со која не смее да се прави компромис. Само граѓанско помирување, втемелено врз правда и одговорност, ќе ни ја врати меѓусебната доверба и ќе ни овозможи да изградиме праведно и напредно европско општество во кое секој човек ќе се чувствува еднакво вреден. Нема друга алтернатива, порача претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање по повод националниот празник Илинден.
Државата, истакна Пендаровски, е наша заедничка одговорност. Независно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, независно дали сме христијани, муслимани, Евреи или атеисти, сите заедно да се грижиме за земјата како највредното нешто што го имаме. А јас како претседател, рече, заедно со вас, ќе правам сè што е во рамки на моите надлежности да имаме држава што ќе ги заштитува своите граѓани како највредното што го има.
- Имаме различни етнички потекла, зборуваме различни јазици, имаме различни религиски верувања и идеолошки убедувања. Колку поразлични сме, толку побогата е нашата култура и толку поширок е хоризонтот на можности. Но, сето тоа зависи од нас, дали и колку сме подготвени да ја почитуваме различноста. Затоа, да ги надминеме историските поделби и непотребните политички конфронтации, да ги здружиме сите наши знамиња и симболи, независно дали се етнички, верски, идеолошки, партиски или генерациски. Да се обединиме во еден единствен фронт за реализација на нашата заедничка цел – трансформација на Северна Македонија во напредна европска држава, членка на НАТО и на ЕУ. Да градиме демократска држава во која успехот на едниот нема да биде врз грбот на другите. Да градиме држава во која законите ќе важат за секој граѓанин подеднакво. А во центарот на тој историски потфат да биде достоинството на човекот и на граѓанинот кој мора да ја добие шансата да се реализира тука, во својата земја, подвлече претседателот.
Мора да бидеме свесни, дополни, дека еден ден ќе се соочиме со наредната генерација. Ако се помириме и заеднички вложиме во нашата европска иднина, тогаш ќе имаме образ да излеземе пред нашите деца и внуци и да кажеме – ние го продолживме делото на нашите предци и го изодевме нашиот дел од патот. Сега е редот на вас.
Чествувањето на Илинден во вилата „Водно“ почна со интонирање на македонската химна, во изведба на хорот „Вардар“. Меѓу присутните беа владини претставници, пратеници, претставници на здуженија на борците и други гости. Пред обраќањето на Пендаровски, со едноминутно молчење им беше оддадена почит на сите што го положија животот за нашата земја.
Истрајно и непоколебливо продолжуваме да ја градиме македонија како проспериттена, слободна држава на сите граѓани
Претседателот Пендаровски претходно, со претставници на Сојузот на борците, положи цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ, а оддаде почит и на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, како и на генералот Михајло Апостолски во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел.
Утрово, пак, делегација од Кабинетот на претседателот, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски, по повод 2-ри Август, положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот Жена-борец, пред споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Северна Македонија и пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на градскиот плоштад во Скопје.
По повод 2-ри Август – Денот на Републиката, делегации од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваат на одбележувањето на Илинден во Крушево, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце и во Смилево.