Заев: Не присвојуваа Македонците туѓа историја, туку Груевски и неговата политичка елита

Макфакс

23/07/2019

09:44

2.408

Големина на фонт

а а а

„Не присвојуваа Македонците туѓа историја, туку Груевски и неговата политичка елита и нивните послушници квазиексперти кои тргнаа во медиумска офанзива да оправдаат идентитетски инженеринг“, напиша премиерот Зоран Заев на својот профил на „Фејсбук“, по реакциите во јавноста од интервјуто за грчката „Алфа“.

Заев во статусот вели дека тој често и подолго време јавно говори за злоупотребата на историјата во политички цели, па така било и на интервјуто за грчката телевизија „Алфа“ на која одговарал за минатите штетни политики на национализам и антиквизација.

„Не може мене да ми се накалемува нешто што не јас, туку Груевски и неговата идеолошка машинерија го правеа 10-11 години“, вели Заев и додава дека пропагандата на екс-премиерот спровела идентитетски инженеринг за да насадат нешто што не е природен, ниту суштински дел од македонскиот национален корен.

„Спроведоа масивна и масовна културолошка операција наречена антиквизација за да букефализираат цел еден народ и со тоа да нѐ скараат со сите соседи. Им успеа цела деценија да нѐ држат во изолација. И додека врвеа и ги поттикнуваа наводните дебати за тоа кои сме и што сме, нѐ фрлија во изолација и ги фрлија во мрачните подруми нашите приоритети – ЕУ и НАТО. Го уназадија и блокираа целиот процес.

И додека го правеа тоа, зад таа димна завеса, ги извршија сите криминали и политички злосторства заради кои сега се соочуваат со правдата.

Јас ја вложив целата моја политичка сила за да решам прашања за иднината и за сите идни генерации.

Нашата земја и нашиот народ се справија со антиквизацијата и јас ќе продолжам да зборувам јавно за потребата од мир и соработка на Балканот, но и за моментите од заедничката историја кои ги спојуваат и поврзуваат нациите“, вели Заев во статусот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг