Сириза до новата Влада во Атина: Глумевте патриоти, а веднаш го прифативте Преспанскиот договор!

Точка

19/07/2019

09:30

3.483

Големина на фонт

а а а

Најголемата опозициска партија во Грција на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас соопшти дека не поминале ниту десет дена од формирањето на новата влада во Грција, а тие веќе јавно признале дека Ципрас бил во право со договорот од Преспа.

Според Сириза, потврда за тоа е вчерашната панел дискусија во Атина, каде што присуствуваше и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, пред кого министрите од редовите на владеачката Нова Демократија на Мицотакис се заложија за подобра иднина и соработка помеѓу Грција и Македонија.

„Нова Демократија и актуелниот грчки премиер Мицотакис седум месеци водеа политика на квази патриотизам. Тие поттикнуваа национализам и радикално десничарски теории на заговор за да ги добијат гласовите на радикалната десница. Тие отидоа толку далеку, така што велеа дека сме го потпишале Договорот од Преспа во замена за зголемување на пензиите. Само десет дена после изборите, политиката на поранешната влада на Сириза во врска со Преспанскиот договор, сега е сосема оправдана“, стои во соопштението на партијата на Ципрас.


Извинување од новата грчка влада побара и поранешниот министер за надворешни работи на нашиот сосед, Никос Коцијас.

„Мило ми е што сега им се допаѓа договорот. Ми се закануваа со смрт, ме нарекуваа предавник, зарем не заслужувам сега да ми се извинат?“, запраша еден од потписниците на Преспанскиот договор постигнат минатата година помеѓу Македонија и Грција.


Американскиот аналитичар Џек Далгаријан, во колумна за весникот „Неокосмос“ вели дека новиот грчки премиер Мицотакис, сега кога е на чело на грчката влада ќе мора да ја промени својата политика на закани кон нашата држава.

„Мицотакис најави дека ќе го почитува Преспанскиот договор, но и дека ќе врши притисок врз Скопје околу употребата на терминот „македонски“ во културата, јазикот, како и производите. Колкав притисок ќе може да употреби зависи од НАТО и ЕУ кои сакаат за брзо време да ја вклучат Македонија во двата сојузи“, изјави Далгаријан.



Спонзорирани линкови

Маркетинг