Србија ќе воведе задолжително служење воен рок

Нетпрес

16/07/2019

11:52

1.205

Големина на фонт

а а а

Србија најверојатно од следната година повторно ќе воведе задолжително служење воен рок, пишува денеска „Српски телеграф“ и додава дека за тоа се разговара веќе една година.

Воениот аналитичар Мирослав Лазански вели дека на Србија ѝ недостига војска бидејќи професионалните војници сега имаат повеќе од 30 години и не можат физички да одговорат на своите задачи.

– На Србија ѝ недостига обучена резервна војска и воена армија. Во сите досегашни судири се покажа дека војниците што отслужиле воен рок се најдобри – рече Лазански.

Според него, Србија најверојатно ќе го задржи комбинираниот систем, според кој дел ќе бидат професионални војници, дел војници по договор, а дел војска која служи задолжителен воен рок.

Аналитичарот Александар Радиќ смета дека треба да се најде адекватен модел кој ќе ѝ одговара на Србија и на времето во кое живееме.

– Немаме ниту пари ниту услови тоа да се прави како некогаш, додека постоеше ЈНА. Јас се залагам за задолжителен воен рок, но не за сите, туку за одреден број луѓе. Никој никого не може да натера да оди во војска, но момчињата што доброволно ќе се согласат да служат воен рок да не прават маргинални работи како досега, како чистење дворови – рече Радиќ.

Тој додава дека доколку повторно се воведе задолжителното служење воен рок, тоа ќе се однесува на момчињата од 18 до 26 години и не би имало ретроактивно повикување.

– Тие што не служеле воен рок ќе имаат обврска да поминат скратена обука за резервен состав – вели Радиќ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг