Во Европа пристигнува пеколот: Температурите растат, а ова е причината за големиот топлотен бран

Точка

26/06/2019

14:01

5.353

Големина на фонт

а а а

Интензивен топлотен бран деновиве ќе ја погоди Европа, а метеоролозите предвидуваат и рушење на бројни температурни рекорди кога станува збор за месец јуни.

Се очекува топлотниот бран да биде најинтензивен од денес до петок, кога се очекува подрачјето на Европа од Шпанија до Полска да биде погодено со температури од 11 до 17 степени повисоки од вообичаените. Се проценува дека температурите ќе се движат од 35 до 40 степени Целзиусови.

На некои места ќе биде и уште потопло, посебно во поголемите градови каде што поради асфалтот и бетонот, ефектот „топлотен остров“ дополнително ќе ги зголеми температурите.

Финскиот метеоролог, Мика Рантанен изјави дека компјутерскиот модел за Франција предвидува рекордни високи температури за јуни. Ваквите големи топлотни бранови можат да бидат многу опасни по луѓето затоа што тие немаа доволно време за да се прилагодат.

„Топлотните бранови се тивки убијци. Поради еден таков топлотен бран во 2003-та година се проценува дека починале над 70 илјади луѓе. Само минатото лето во Германија беа забележани 1000 смртни случаи“, изјави Стефан Рамсторф, експерт од Потсдам.

Највисоки температури ќе ја погодат Западна и Централна Европа, а во најтешко погодените места во Шпанија и Франција се предвидуваат рекордни температури од над 40 степени Целзиусови. Шпанските метеоролози предупредуваат дека „доаѓа пекол“ и се предвидува температурата во Мадрид во петок да изнесува 40,6 степени, што ќе биде највисоката температура измерена во историјата на шпанската престолнина.

Слични температури се очекуваат и во Париз каде што градските власти веќе превземаат вондредни мерки. Покрај Париз, од високи температури ќе биде погоден и Берлин, па дури и Копенхаген. Во Женева се предвидуваат над 37 степени, а топло ќе биде и на југот на Шведска.

Која е причината за ваквиот топлотен бран?

За тоа се виновни два силни системи на висок притисок. Еден е во близина на Гренланд, а другиот над северна и централна Европа. Кога во текот на следните денови ќе се поврзат, ќе го блокираат системот на низок притисок јужно од нив, кој инаку носи студен воздух во Европа. Овие два системи ќе го насочат „шпанскиот облак“ кон континентална Европа и Велика Британија.

Поради тоа, високите температури од Шпанија и Сахара ќе пристигнат и во Франција, Велика Британија и Германија и ќе резултираат со температурни рекорди и силни бури.

Иако овој топлотен бран ќе го достигне врвот кон крајот на оваа седмица, временските услови со повисоки температури од нормалните ќе потраат во западна и централна Европа. Студен воздух моментално може да се очекува само на северот од нордиските земји.



Спонзорирани линкови

Маркетинг