Италијанците бесни: Шефот на најмоќната мафија побегнал од затвор!

Точка

25/06/2019

16:43

2.292

Големина на фонт

а а а

Италијанскиот мафијашки бос Роко Морабито, кој се наоѓаше во затвор во Уругвај од 2017-та година, побегнал во текот на ноќта пред да биде екстрадиран во Италија, соопштија од Министерството за внатрешни работи на јужноамериканската земја.

Морабито беше еден од најбараните членови на калабриската озлогласена мафија „Н’Дрангета“, моментално најмоќната организирана криминална група во Италија, мафија која важи за еден од најголемите „увозници“ на кокаин од Јужна Америка.

Наречен „Миланскиот крал на кокаинот“, 52-годишниот Морабито беше уапсен после повеќе од две децении успешно бегање после пресудата за злосторничко здружување, трговија со дрога и други тешки злосторства, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.


Уругвајското министерство за внатрешни работи во соопштението открива дека Морабито и уште тројца негови блиски соработници побегнале преку покривот на затворот „Карсел“.

„Загрижувачки и крајно сериозно е тоа што криминалец како Роко Морабито, шефот на „Н’Дрангета“, успеа да побегне од затворот во Уругвај додека чекаше да биде екстрадиран во Италија“, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини.

„Ви ветувам дека ќе направам две работи – најпрвин, ќе го расветлиме прекршувањето на процедурите барајќи непосредно објаснување од властите во Монтевидео. Второ, ќе продолжиме да трагаме по Морабито, каде и да е, ние ќе го бараме за да го ставиме во затвор, така како што заслужува“, порача Салвини.



Спонзорирани линкови

Маркетинг