ЕУ не определи датум за почеток на преговори со Северна Македонија

Макфакс

18/06/2019

18:48

4.021

Големина на фонт

а а а

Министрите за надворешни работи на Европската Унија на Советот за општи работи на Унијата во Луксембург не се согласија околу доделувањето датум за почеток на преговори за Северна Македонија, но и за Албанија. Тие се договорија најдоцна до октомври да се навратат на ова прашање.

„Потврдувајќи ги своите заклучоци од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор, како и Договорот за добрoсоседски односи со Бугарија, и се осврна на препораките на Комисијата за отворање на пристапни преговори со Република Северна Македонија врз основа на нејзината позитивна оценка за постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот. Поради ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на ова прашање со цел да се постигне јасна и суштинска одлука што е можно поскоро и не подоцна од октомври 2019 година“, се наведува во заклучокот на Советот.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на прес-конференција соопшти дека мнозинството членки на Советот не ја поддржале чистата препорака на Европската комисија за доделување на датум за преговори на денешниот состанок.

„За жал мнозинството членови не ја поддржа чистата препорака на Комисијата за отворање преговори за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија“, рече Хан.

Додаде дека е уверен дека во октомври ќе има одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг