ГДУ: Марин ветуваше зеленило, а со мегазгради го задуши Аеродром

Макфакс

18/06/2019

16:59

1.313

Големина на фонт

а а а

Наместо дрва, никнаа згради. Тоа е единственото што се работи во општина Аеродром. Златко Марин ветуваше зеленило, а со мегаобјектите го задуши Аеродром, велат во соопштение од Граѓанско-демократската унија (ГДУ).

Од партијата истакнуваат оти Марин уверувал дека ќе ја сопре изградбата на десеткатницата кај „Мајчин дом“, но, како што велат, по седнувањето во фотелјата, со негова дозвола е уништена единствената зелена површина што останала по должината на булеварот Јане Сандански.

„Очигледно е дека неговите ветувања што ги даде во времето кога се кандидира беа само празни зборови. Просто човек да се запраша дали ја има прочитано програмата со која го доби мандатот? Бараме Златко Марин да им одговори на граѓаните зошто ќе троши дури 73.000 евра за да ги информира што работел или ќе сработел за нив? Неговиот имиџ не може да го подобри ниту една агенција. Трошењето толку пари за имиџ на градоначалник е срамно и бесмислено“, се наведува во партиското соопштение.

Во него се додава дека 6.000 евра месечно Марин ќе плаќа за агенција да му одредува како да се движи и што да зборува на јавните настапи, па и на социјалните медиуми да го фали колку е добар и колку тој работи.

„Ни фалби, ни „Фејсбук“, ни „Твитер“ не помага. Граѓаните гледаат и знаат и не ве избираа за да трошите пари на вашиот имиџ и да ја покривате неспособноста, туку да им овозможите поубав живот“, истакнуваат од ГДУ, од каде што порачуваат дека премиерот Заев не смее да молчи за ваквите скандалозни однесувања на неговите, како што велат, неспособни градоначалници.



Спонзорирани линкови

Маркетинг