Бабиш очекува позитивна одлука за почетокот на преговорите со ЕУ

Макфакс

11/06/2019

17:24

883

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата на Чешката Република, Андреј Бабиш, кој е во дводневна официјална посета во земјата, истакна дека очекува позитивна одлука од Европската Унија за почетокот на преговорите за Северна Македонија.

На средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери, Бабиш истакна дека ќе ја пренесе пораката за битноста за нашето членство во НАТО до парламентот на Чешката Република. Што се однесува до ЕУ, Бабиш потсети дека високите функционери на ЕУ договорот од Преспа го опишаа како едно од најбитните достигнувања.

На средбата премиерот Бабиш истакна дека динамиката на посетите на владино и парламентарно ниво зборува за позитивниот тренд на односите меѓу двете пријателски држави и посочи дека Република Северна Македонија, освен поддршката на Чешката Република, ја има и поддршката и на вишеградската група.

За време на состанокот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, истакна дека посетата претставува одлична можност за продлабочување на воспоставената соработка и реализација на конкретни проекти, како што е, на пример, полициската соработка, која покажува одлични резултати. Тој потенцира дека ратификација на пристапниот протокол е во тек во земјите членки на НАТО. Досега веќе 16 земји го ратификувале со надеж дека до крајот на годинава Република Северна Македонија и официјално ќе стане 30-та членка на НАТО. Тој се заблагодари што владината процедура во однос на ратификација на пристапниот протокол е веќе завршена и изрази убеденост дека чешкиот парламент ќе го заврши процесот на ратификација до почетокот на летниот одмор годинава.

Во продолжение двајцата соговорници разменија мислења и за можностите за развој на економската соработка, при што беше речено дека Република Северна Македонија е атрактивна бизнис-дестинација поради што чешките компании би требало да ги искористат погодностите за инвестирање во нашите технолошко-индустриски – развојни зони, меѓу кои и поволната даночна политика.



Спонзорирани линкови

Маркетинг