Богоевски: Вредностите над функцијата

Макфакс

11/06/2019

13:31

845

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Павле Богоевски кој денеска ја достави оставката до собраниските служби од собраниската говорница рече дека останува на ставот дека вредностите и каузата за кои се борел се над функцијата.

Тој во последниот говор како пратеник рече дека оставката ја донел од две причини. Прво дека не сакал да биде пречка за органите на прогонот да си ја вршат својата работа и ги повика да го истражат случајот со аудиоснимката во целост, но и да најдат кој ја направил снимката.

Втората причина за оставката била тоа што тој бил човек кој се залага за правото и правдината. Тој рече дека секогаш бил за вредностите над фотелјата.

„Вредностите на Шарената револуција се сè уште живи и се на сила и никој не може да ги помести од тежиштето“, рече Богоевски алудирајќи дека тој и понатаму останува шарен револуционер и борец за каузата за која што се борел.

Рече дека тој не е како Груевски кој е во бегство и кој, како што кажа, се крие зад диктатори. Богоевски ги повика колегите пратеници да дадат поддршка за престанок на мандатот на Груевски, а не, како што рече, да измислуваат смешни оправдувања и да штитат криминалец кој ѝ нанел огромна штета на државата.

„На крајот сакам да кажам: збогум Никола, јас ќе останам горд и достоинетвен, а ти овде ќе можеш да се вратиш само со лисици и да бидеш на местото каде што ќе треба да си ја отслужиш казната“, рече Богоевски.

Собранието ја констатира оставката на Груевски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на почетокот на денешната седница ја констатира оставката на Никола Груевски.

Експремиерот ја достави оставката изминативе денови од Унгарија, каде што избега и доби политички азил.

Груевски поднесе оставка откако Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања донесе одлука да му предложи на Собранието да му се одземе пратеничкиот мандат поради неоправдано отсуство од шест месеци.

На пратеничкото место на Груевски ќе седне Ѓоко Камчев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг